Линкови за пристапност

Варвициотис: Европеизацијата не вклучува екстремизам


Грчкиот заменик-министер за надворешни работи во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон кажа дека политичките тензии во Македонија не создаваат клима за инвестирање од страна на Грција.

Грција промовира европеизација на Балканот - беше тезата на Милтијадис Варвициотис, заменик-министер за надворешни работи на Грција, кој вчера говореше во Вашингтон за состојбата на грчко-американското трансатлантско партнерство.

Заедно со еврото, проширувањето на ЕУ е најуспешниот проект на Европа и тоа треба да продолжи, кажа Варвициотис. Но, европеизацијата значи политички процес што не вклучува екстремизам, национализам и етнички конфликт, заедно со изолационизам и неразвиеност, додаде тој.

„Тоа е причината што ние поддржуваме заеднички прифатлив компромис со ФИРОМ, што засекогаш ќе ја затвори вратата на ревизионизам и иредентизам", рече Варвициотис. „Изборот е јасен", продолжи тој, „Романтичниот национализам од 19-от век не е одговор за нашите општества кои сакаат чисти и ефикасни влади што бараат начини за развој".

Зборувајќи општо за предизвиците што стојат на патот на развојот, грчкиот дипломат рече дека старите политички проблеми надополнети со новите екномски проблеми се потенцијално експлозивна комбинација. Аплицирајќи ја тезата на билатералните односи со Македонија, Варвициотис рече дека политичките тензии не создаваат клима за инвестирање. „Се` помалку луѓе ќе сакаат да ги истражуваат можностите за инвестирање во таа земја и мислам дека тоа е проблем по кој владата во Скопје треба да постапи".

Грчкиот заменик-министер говореше за плановите на земјата да инвестира 28 милијарди евра во Балканот. Тој тврди дека Грција е земјата која инвестира и има интерес земјите во кои тоа го прави да се политички стабилни, но додаде дека континуирано создавање на „тензии, националистички, иредентистички и ревизионистички изјави кои доаѓаат од Скопје, не помагаат во тој правец".

Запрашан да даде поподробно објаснување по сугестијата на еден од присутните на собирот дека грчките бизниси во Македонија се дискриминирани, Варвициотис рече дека генерално тоа не е случај, иако неколку компании пријавиле проблеми. Тој ова го припиша на, како што рече, „непостоењето на вистинска бизнис-клима" во Македонија, што некои навело да се почувствуваат дискриминирани.

Милтиадис Варвициотис рече дека му е мило што се разговара за економијата и дека такви разговори треба да има повеќе, но за да се разговара за економијата треба да се решат некои прашања кои имплицираат и создаваат тешкотии во меѓусебните економски интеракции.

Овој претставник на грчката влада ја претстави својата земја како лидер во регионот за промовирање демократија, стабилност и економски растеж, но рече дека малку може да стори за просперитетот на народот во Македонија кога се слушаат вести за формирање кревка влада, и додека прашањето за името останува нерешено.

XS
SM
MD
LG