Линкови за пристапност

Економската криза „не важи“ за домашните миленичиња во САД


Забавената економија ги удри Американците по џепот, поради што размислуваат двапати пред да потрошат пари. Па сепак, најново истражување на потрошувачките трендови покажува дека и натаму, во просек годишно трошат по 1.000 долари на своите домашни миленици.

Некои Американци дури плаќаат друг да им ги шета кучињата. Во ваквата професија дневно по куче може да се заработат 26 долари. Домашните миленичиња годишно ги чинат Американците 41-на милијарда долари - двојно повеќе од пред 10 години, тврди компанија за следење на трендот на потрошувачката.

Со влошување на економската ситуација, има случаи кога сопствениците се откажале од милениците.

Но, сопственикот на милениче Силвија Фубини вели дека кризата од друга страна ја зајакнала врската со животните:

- Сега често се случува луѓето да го потрошат и последниот долар, за да осигураат дека нивните домашни миленици се добро згрижени.

Според анкета на Асошиетед прес, еден на секои седум сопственици од почетокот на рецесијата почнал помалку да троши на миленичето. Но, Винс Маланфи, директор на една од продавниците „Петсмарт", специјализирана за домашни миленици, забележува и друг тренд:

- Многу луѓе заштедуваат со тоа што остануваат дома, а таму им треба друштво. Во продавницата доаѓаат се` повеќе кои сакаат да посвојат мачка или куче.

„Петсмарт" нуди различни услуги, како дневен престој за кучиња, на пример. Во овој најголем синџир на продавници од ваков вид се нудат и ветеринарни услуги и потстрижување. Има решение и доколку сопствениците мора да заминат на пат – можат да ги остават милениците во специјални хотели за животни, каде тие уживаат во сладолед, спијат на специјални кревети, а на располагање им е и програмата на ТВ-каналот „Енимал планет". Постои дури и телефонска линија преку која сопственикот може да му говори на своето милениче. Цената за вакво сместување е 41 долар за една ноќ.

Фелисити Олаф, наставничка во пензија, ја објаснува опседнатоста на Американците со домашни животни:

-Кога галите куче, и воопшто, кога имате милениче што живее со вас, ви се намалува крвниот притисок. Ова е докажано во студии направени на повеќе универзитети – дека кучињата се добра солуција за постарите луѓе, ги смируваат и ги прават среќни.

Според национално истражување на Здружението за производи за домашни миленици, Американците поседуваат околу 75 милиони кучиња и 88 милиони мачки. Во шест на секои десет домаќинства во САД има домашно милениче, и не се работи секогаш само за мачки и кучиња. Срцето понекогаш го освојуваат и птици, глувци, тропски риби, па дури и змии. Како и да е, и во овие тешки економски времиња, се чини дека љубовта на Американците кон домашните миленици не е намалена. Напротив, како да зајакнува.

XS
SM
MD
LG