Линкови за пристапност

Германски маршалов фонд: Европските прашања САД ќе ги остават да ги решава Европа


Американскиот претседател ќе учествува на самитот на Г-20, на самитот на НАТО, а ќе ја посети и Турција. Непосредно пред неговото заминување, стручњаци од Германскиот маршалов фонд ги изнесоа своите гледања на очекувањата на Европејците од оваа посета. Посветување внимание на регионот на Југоисточна Европа не е меѓу нив.

Иан Лесер, експерт за Медитеранот и трансатланстска соработка по нови безбедносни и јавно-политички предизвици, вели дека намалувањето на ангажманот на американската администрација во овој регион не започнува со администрацијата на Обама.

„Јас би рекол дека во споредба со администрацијата на Клинтон, администрацијата на Буш во оваа област беше всушност дезангажирана, зашто едноставно имаше други надворешно-политички приоритети, како Блискиот исток и Авганистан, на пример. За оваа администрација јас не би рекол дека ќе биде неангажирана, туку повеќе дека ќе го зацврсти уверувањето од претходната – дека Југоисточна Европа е пред се одговорност на Европа во смисла на решавање на кризи, па дури и решавање на проблеми во рамки на Алијансата", вели Лесер.

Тој посочува на нешто што го нарекува „револуционерно свртување на американското гледање на регионот на Југоисточна Европа":

„ Ако овој разговор го имавме пред десет години, целата работа ќе се вртеше околу проблеми како грчко-турските односи, криза на Егејот или Кипар. Сето тоа денес е симнато од агендата, што на САД им овозможуваат да се фокусираат на други прашања со двете држави кои се во спор. Тука го вклучувам и проблемот со името со Македонија. Не мислам дека администрацијата на Обама ќе ги избрише сосема овие прашања, но тие веќе немаат централно тежиште во американската надворешна политика и не гледам дека тоа ќе се промени во наредните неколку години. Има многу други проблеми на други страни кои силно им конкурираат на овие".

Но, Карен Донфрид, извршен потпретседател на ГМФ, сепак гледа одредена привилегираност на Југоисточна Европа во однос на другите европски држави.

„Тоа што и оди во прилог на Југоисточна Европа кога ја гледаме сликата на таканречена поширока Европа, вклучувајќи ги Украина, Грузија и Белорусија, е многу реалната и блиска перспектива за членство во ЕУ и во НАТО. Тоа беше голем стимулирачки фактор за реформи во овие земји", вели таа.

Географијата и перспективата за членство во ЕУ за Донфрид ја прави иднината на регионот ветувачка:

„Македонија на крајот ќе влезе во НАТО, спорот со името ќе земе време, решавањето ќе биде болно, но ќе заврши. И сите овие земји исто така ќе се приклучат на ЕУ, што ќе создаде поинаква мапа во Европа", вели Карен Донфрид која се согласува со Лесер дека европските прашања САД се повеќе ќе ги оставаат Европејците сами да си ги решаваат.

XS
SM
MD
LG