Линкови за пристапност

Робертсон: Срамота е што Македонија нема да биде поканета во НАТО


НАТО полни 60 години. Ова беше повод за неодамнешен собир во Вашингтон на кој учествуваа голем број стручњаци, меѓу кои и поранешниот прв човек на Алијансата, Лордот Робертсон. Тој го водеше НАТО во особено турбулентни времиња за Балканот, воздушната кампања во Косово, конфликтот во Македонија и ситуацијата со Босна. По негово сопствено признание, ова бил негов прв настап на кој јавно зборува за НАТО по пет години од заминување од функцијата.

Излагањето го започна со Косово: „За четири недели ќе биде десет години од воздушната кампања на НАТО во Косово. Пред десет години ова време, агонизиравме што да се направи и што прави Слободан Милошевиќ. На 24 март презедовме акција против суверена држава без резолуција на Советот за безбедност. Го сторивме тоа што никој друг не можеше да го направи, запревме нешто ужасно што се случуваше во срцето на Европа,на само неколку часови лет од Лондон или Париз", рече Џорџ Робертсон.

Тој забележа дека отприлика секои четири години се отвора дебата за наводна криза на идентитетот на НАТО, но дека на секои четири години нешто се случува што потврдува дека постоењето на НАТО е неопходно.

За тоа каде е организацијата сега, и кои се предизвиците пред кои стои Алијансата, Робертсон вели:

„Важно е да се успее во Авганистан. Деветнаесет тогашни членки на НАТО едногласно се сложија, со малку отпор во почетокот од некои од нив, да преземат функција на национално обезбедување, но не смееме да заборавиме зошто отидовме и зошто сме таму", рече тој. „А тоа е", одговара Робертсон, „да спречиме Авганистан да биде засолниште за терористи кои се шират преку граници и преку континенти. Тоа е нов непријател за нас, за Русија, за Централна Азија и за останатите. Затоа испраќаме млади, храбри луѓе, професионалци, да се борат таму, и да гинат, за да не заштитат нас."

Начинот на кој тоа ќе се постигне за него е нешто што може да има повеќе форми, какостабилизирање на Авганистан – преку давање можност за демократија, за прв пат во авганистанската историја Авганистанците да имаат глас по државни прашања, со дозволување на жените да се образуваат, со отворање на училишта и болници, со запирање на трговијата со наркотици, итн. „Но, да нема забуна", Робертсон е категоричен, „ние сме таму да се заштитиме себе си. Тоа е пораката што тој вели дека не треба да биде промовирана само од министрите за одбрана и министрите за надворешни работи, туку од секој министер на секој оддел". Зашто. Ако тоа не се прави, ќе се загуби врската, дека „се работи за заштита на сигурноста и безбедноста на луѓето во оваа земја и во други земји, а не за некаков општествен инженеринг како што некои сакаат да кажат".

„Ако Авганистан е неуспех, НАТО ќе биде поразено, 26 држави ќе бидат поразени, и ако го напуштиме Авганистан, Талебан и Ал-Каида ќе ги следат нашите трупи во чекор и ние ќе го знаеме кога ќе не удрат", заклучува Робертсон.

Вториот предизвик тој го гледа во контекст на проширувањето. „ Во тек е процес што ќе води кон нешто ново, што ќе биде многу различноод ова што сега го имаме".

„Хрватска и Албанија ќе бидат поканети да станат членки во НАТО за неколку недели, за срамота Македонија нема да биде поканета заради таинствена, неодбранлива и шокантна блокада на НАТО држава на демократски сосед, но со време ќе се приклучи, а потоа ќе уследи Црна Гора, Косово, Молдавија, верувам и Србија, да, и Украина и Грузија, и во некое идно време претпоставувам и Шведска и Финска, зашто тие придонесуваат на некои начини повеќе во операции на НАТО отколку самите членки на НАТО", вели Робертсон.

Тој не прецизираше временска рамка, вели, „може да биде за 10 или 15 години", но дека тогаш ќе има 37 диспаритетни држави, заради што е убеден дека со НАТО не ќе може да се управува како до сега. Во тој контекст тој не гледа никаков смисол да се исклучи Русија од овој нов тип на организација - определена за колективна безбедност, определена за делување по новите закани и слаби точки.

Робертсон вели дека во ниеден момент во иднина НАТО не ќе може да каже дека нема место за други. „Кога држави како Босна и Црна Гора, дури и Србија, кажат – ние сме подготвени да ја усогласиме нашата држава и нашата армија, нашиот начин на живот, нашиот начин на размислување и нашите вредности за да бидеме компатибилни со оваа широка алијанса, зарем ние ќе речеме не може, за жал, полни сме.! Членството е комплетирано! Се разбира нема и не можеме тоа да го сториме".

Затоа Робертсон предлага сега да се почне да се планира за таков вид на иднина. Ако чекаме да не чукне по глава одзади, прашање е дали ќе имаме било што преостанато на кое ќе вреди приклучување, додава тој.

Да се одржува способноста на НАТО е од клучно значење за Робертсон. Притоа, тој инсистира дека не се работи само за воена способност, туку за имање на располагање професионалци за распоредување „таму каде што е заканата за нашиот начин на живот, каде има недостиг на воздушна заштита, недостиг од медицински персонал, луѓе за комуникации".

Робертсон вели дека искуството покажало оти воената битка е лесниот дел, а тешка е реконструкцијата потоа, заради што инсистира на постоење на капацитет, што спојува армиски со цивилни и економски елементи, за да се биде на вистинско место.

Сепак, ништо од ова нема да има значење ако не постои политичка волја, вели Робертсон. „Додека 26, 28 или со време 37 нации, сакаат НАТО да успее, сакаат НАТО да биде сила за стабилност и мир, ништо нема имаме таму каде треба да бидеме заштитени. За Џорџ Робертсон е факт дека на еден и пол континент оддалеченост од поголемите европски градови и на другата страна на светот од Америка, „денес ние водиме војна за опстанок, што без политичка волја ќе ја изгубиме, и следните генерации ќе го почувствуваат тој недостаток на политичко лидерство во овој момент".

XS
SM
MD
LG