Линкови за пристапност

Авганистан и други жешки точки – фокус на американската администрација


Новата администрација во Вашингтон во надворешната политика ќе биде насочена кон решавање на поакутни кризни жаришта отколку прашања од Балканот, заклучија стручњаци во Центарот за трансатлански односи во Вашингтон на неодамнешна трибина.

Стабилизирањето на Авганистан ќе биде главно транс-атланско прашање врз кое ќе се градат идните односи меѓу САД и ЕУ во рамки на НАТО, кажаа повеќемина дискутанти на тркалезната маса на тема: европските перспективи на агендата на новата американска администрација. По барањата од САД европските партнери да обезбедат поголемо учество на мировници од други земји за стабилизирање на оваа централно-азиска земја, Европа засега покажува волја само за учество во нејзиниот граѓанскиот сектор.

Но, што се однесува до САД, директорот на Центарот за трансатлански интеграции при Универзитетот Џонс Хопкинс, Даниел Хамилтон, за Гласот на Америка кажа дека очекува новата американска администрација да продолжи да работи на прашања од Балканот:

„Мислам дека ќе има поголема ангажираност отколку што беше случај изминатите години. На тоа укажа и најавата на новата администрација на претседателот Обама за стабилизирање на југоисточна Европа, регион без кој Европа не е цела! САД остануваат определени на тој процес.“

Сепак, поранешниот заменик-државен секретар за европски прашања го лоцира тежиштето на, како што кажа, најголемата светска закана:

„Најголемата закана денес, како за Европејците, така и за САД доаѓа од пограничните области меѓу Авганистан и Пакистан. Приоритетите се изменети за сојузниците, но секако дека заложбата за стабилен Балкан останува. “

Стивен Лараби, претседавач за европската безбедност при корпорацијата РАНД за Гласот на Америка изрази резервираност за приоритетите во надворешната политиката на новата администрација во Вашингтон:

„Рано е да се каже во оваа почетна фаза каква позицијата ќе има администрацијата на претседателот Обама кон Балканот. Мислам дека најпрво ќе треба да се справи со прашања од поголема итност – Авганистан на првото место, следи Иран, потоа состојбата на Блискиот исток.

Состојбата на Балканот останува нестабилна, но споредено со светските жаришта кои ги споменав е помалку проблематична за САД.“

Лараби и Хамилтон се согласни дека одговорноста за безбедноста и стабилноста на Балканот ќе треба да ја преземе ЕУ, со континуирана поддршка од САД.


XS
SM
MD
LG