Линкови за пристапност

Нова политика, но и нов стил во Белата куќа


По неполни две недели откако Барак Обама стана претседател, аналитичарите забележуваат поинаква атмосфера во Белата куќа. Стилот на Обама е опуштен, релаксиран, за разлика од неговиот претходник Џорџ Буш. Тоа покажува дека политичката промена во Белата куќа не мора да значи само промена во идеологијата, туку и во – стилот.

Изборната кампања на Обама се базираше на платформата за промени.

По две недели во Белата куќа, претседателот Обама тоа го рефлектира со личниот стил и политика. Првиот закон на кој стави потпис им олеснува на работниците да тужат за дискриминација во плата. Конгресот се обиде да го усвои законот минатата година, но Белата куќа на Буш и сенатските Републиканци го блокираа. Потпретседателот Џо Бајден, пак, минатиот петок им посака добредојде назад во Белата куќа на „нашите пријатели од Синдикатот“. Обама стана првиот претседател кој во говорот за инаугурацијата директно им се обрати на муслиманите, а потоа ги шокираше вашингтонските кругови кога ја избра Ал-Арабија за своето прво формално интервју. Вели дека сака директно да разговара со Иран. Ја назначи Хилари Клинтон - својот довчерашен конкурент на претседателските избори - за државен секретар.

Покрај политичката идеологија, во Белата куќа се наметнува и лежерниот стил. Обама го мина првиот ден во Овалната канцеларија без сако, телефонирајќи им на светските лидери. Многу различно од протоколот за време на владата на Буш – еднаш државниот секретар Колин Пауел не можел да влезе на состанок, затоа што доцнел!

Обама, пак деновиве почна состанок со зборовите – „Извинете – малку доцниме“.

Обама внимава на тоа во односот со медиумите да внес релаксираност и хумор. Неодамна, откако даде изјава за новинарите пред важна средба на Кабинетот, кусо им порача: „Сега, за жал, ќе мора да ве исфрлам“!

Во однесувањето на Обама е воочливо дека не е од Вашингтон, каде доминира формалноста. Родум од Хаваите, Обама во неформална атмосфера сака да се поздравува со „шака“ – тамошен начин на поздравување со раката што во превод значи – опуштете се и не грижете се!

XS
SM
MD
LG