Линкови за пристапност

Американскиот сон за еден имигрант се` подалечен


Падот на економијата и недостигот на работни места во САД направија многу имигранти да размислуваат за враќање во своите земји.

За Марселино Гил, имигрант и самохран родител од Монтереј, Мексико, секој ден е борба - да заработи доволно пари за издржување на трите деца.

Започнува со работа рано секое утро на локална фарма во гратчето Пирсон во сојузната држава Флорида. До скоро работел полно работно време, но економската криза му го отежнала животот:

- Работам околу 30 часа неделно, што не е доволно за живот. Пред тоа работев и по шеесет часа.

Гил работи на одржување на расадник за папрат. Оваа индустриска гранка се` уште се опоравува од последиците од ураганите во 2004-та кога беа збришани насади вредни 76 милиони долари.

Гил дошол во САД во 1977-ма како 19-годишник. Сега размислува за враќање во Мексико:

- Кога дојдов, добро заработував, но тоа веќе не е можно. Нема доволно работа.

Неговиот најстар син Хавиер има 18 години и веќе работи. Другите две деца – 16-годишната Џенет и 11-годишниот Марселино се на училиште.

Џенет е загрижена:

- Тој се обидува да ни обезбеди се` што ни треба за на училиште, сака да успееме. Ако немаме пари, јас не можам да се запишам на фудбал или други работи и не ќе можам да добијам добри оценки.

Гил самиот произведува овошје и зеленчук за да заштеди пари. Понекогаш, по работата, поправа автомобили за пријателите. Дури продал и дел од мебелот за да изржи до следната плата. Тој е легално во САД, но вели – сонот за подобар живот во Америка му се лизга низ прстите.

XS
SM
MD
LG