Линкови за пристапност

Буш го брани американскиот капитализам воочи средбата за глобалната финансиска криза


Европската унија соопшти дека 15 нации кои го користат еврото како валута и официјално се наоѓаат во рецесија, во време кога светските лидери се собираат во Вашингтон за во сабота да дискутираат за глобалната финансиска криза. Спроти средбата, претседателот Буш го бранеше американскиот капиталистички систем.

- Кризата не значи неуспех на системот на слободни пазари, а одговорот не е во тоа одново да го измислуваме тој систем, изјави Буш во четвртокот.

Спасувањето на финансиските институции е во фокусот на владата на Буш. Но, за некои сенатори, попрво треба да се спасат сопствениците на домови. Според неодамнешен извештај, во месец октомври по 9.000 илјади Американци секојдневно биле во опасност да ги загубат домовите под хипотека.

-Се` уште не ми е јасно зошто секретарот за финансии и други одбиваат да разберат дека ова е јадрото на проблемот. Се` додека не се зафатиме со тоа, проблемот ќе остане, вели демократот Кристофер Дод, кој е на чело на Сенатската комисија за домување.

Претседателот Буш, навидум не мисли така:

-Мора да разбереме дека владината интервенција не е волшебен лек за се`. На пример, некои ја фрлаат кривицата на недоволната регулатива во американскиот пазар на хипотеки. Некои европски земји имаа многу пообемна регулатива, а сепак искусија речиси идентични проблеми на нашите.

Буш во петок ќе ги прими на вечера во Белата куќа за лидерите на 20 индустријализирани и земји во развој. Официјално, средбата започнува во сабота. На земјите-учеснички отпаѓат 90 проценти од светската економија и две-третини од населението во светот.

XS
SM
MD
LG