Линкови за пристапност

Конгресменот Ерл Померој:  Македонија многу сериозна во обидот да се постигне решение за името


Конгресменот - демократ од Северна Дакота Ерл Померој смета дека Македонија има сериозен пристап во преговорите за името и оти е без преседен во историјата на НАТО – една земја да спречи друга да стане дел од Алијанската поради билатерално прашање:

- Македонија е името на државата Македонија. Во контекст на справувањето со меѓународни прашања и загриженоста на Грција - импресиониран сум од начинот на кој Македонија ги води преговорите. Има две страни во разговорите под посредство на американски дипломат, во обид да се најде решение. Една од нив - Македонија е многу сериозна во обидот да се постигне спогодба. Сметам дека другата страна во разговорите не е толку сериозна во постигнување решение. Понекогаш луѓето претпочитаат разговорите да ги држат „живи“, отколку да ги разрешат, рече конгресменот Померој за Гласот на Америка.

Според него, мошне е важно меѓународната заедница да помогне во изнаоѓање решение со цел Македонија да влезе во НАТО, и во правец на интегрирање во ЕУ:

- Од моја перспектива, Македонија сака да се постигне решение. Тие очајно сакаат да станат дел од НАТО, како и да станат дел од Европа. Мислам дека Грција има заземено премногу цврст став и според мене, тоа не носи добро никому.

Според Померој, во случајот со Македонија е направен многу лош преседан:

- Никогаш порано во историјата на НАТО не се случило една земја да го искористи приемот на друга земја во Алијансата со цел да издејствува некои невообичаени отстапки. Сметам дека ова е билатерално прашање, што не треба да го попречи учеството на Македонија во заедницата на нации.

Прашан дали може да уследи промена на американската политика во однос на признавањето на уставното име на Република Македонија, без оглед на тоа дали иден претседател на САД ќе биде републиканецот Џон Мекејн или демократот Барак Обама, Померој истакна:

- САД ја признаа Република Македонија. Тоа е - и ќе биде позицијата на САД.

XS
SM
MD
LG