Линкови за пристапност

Седум години по терористичките напади, животот во Њујорк продолжува



Режисерот Милчо Манчевски за неговото искуство на 11-ти септември 2001-ва

Јане Бојаџиевски, Глас на Америка на македонски

Познатиот македонски режисер Милчо Манчевски, кој живее и работи во Њујорк, евоцира спомени од кобното утро на 11-ти септември 2001-ва: за ужасните слики, стравот, очајот на Њујоркчани, но и за нескршениот дух на Градот што никогаш не спие.

Низ Њујорк, 7 години по терористичките напади, типична за градот раздвиженост на улиците. Жителите на Големото јаболко сакаат да говорат за шокот, гневот, очајот, но и за напливот на патриотизам по уривањето на кулите-близначки на Светскиот трговски центар во 2001-ва. Еден од нив е и познатиот македонски режисер Манчевски, кој живее и работи во Њујорк.

Кобниот ден 11-ти септември, веднаш по уривањето на авионите, добил телефонски повици од цел свет – Јапонија, Бразил, Македонија – пријатели го прашувале дали се е во ред со него?

- До 14-та улица сообраќајот беше затворен. Слегов да го купам последниот број на Њујорк Тајмс за сопствената архива. Мислев дека ќе се продава по многу поскапа цена, но беше по регуларна цена. Немаше никој по авениите. Толку беше пусто, што можеше да легнеш на улица. Немаше автомобили по улиците, немаше ни дотур на стока до продавниците за основните намирници. Обезбедувањето ме пушти да поминам затоа што живеев на 7-ма улица. По неколку улици, веќе не пуштаа никој. Беше хаотично...

Дали духот на градот е изменет, седум години по терористичките напади? Не - смета Манчевски, и дава ваква перспектива:

- 11-ти септември е премала работа за да измени едно вакво големо место како Њујорк. Животот си продолжува нормално. Нападите оставија една лузна, еден белег, нешто што не` прави, верувам, посилни и попаметни. Се случи трагедија, нешто спектакуларно како холивудски филм, при што загинаа повеќе од 3.000 лица. Сепак, животот продолжува...

Последните анкети покажуваат дека седум години по терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва, еден на секои 10 Американци сметаат дека заканата од тероризмот е главно прашање во претседателската трка во САД. 30 отсто испитаници сметаат дека наскоро може да уследи нов напад на американска почва. 50 отсто анкетирани веруваат дека САД наскоро ќе го фатат Осама бин Ладен.


XS
SM
MD
LG