Линкови за пристапност

Интерактив со А2 ТВ


Американската државна секретарка Рајс за ситуацијата во Грузија и интеграцијата на Македонија во НАТО

Вашингтон-Скопје, 14-ти август 2008-ма

Борјан Јовановски: Ведран Андоновски во Вашингтон, добровечер. Што рече вчера државната секретарка Кондолиза Рајс во врска со интегрирањето на Македонија во НАТО?

Ведран Андоновски: Американската државна секретарка Кондолиза Рајс смета дека спорот околу името не треба да се испречи на приемот на Македонија во НАТО. На вчерашната конференција посветена на ситуацијата во Грузија, неочекувано од грчки новинар беше запрашана за Македонија и членството во НАТО.

Рајс ја повтори американската позиција:

- Нашиот став е дека Македонците треба да бидат примени во НАТО – тоа беше ставот во Букурешт. Надежта е дека спорот околу името сега ќе може да се разреши мошне брзо. Разговарав со моите грчки колеги; и Македонците беа тука во Стејт департментот. Ова е нешто што не треба да се испречи на патот на приемот на Македонија во НАТО, и на тоа работиме, рече Рајс.

Борјан Јовановски: Ведран, како што рече самиот ова прашање било поставено неочекувано, на конференција за Грузија. Каква е врската меѓу она што се случува во Грузија и интеграцијата на Македонија во НАТО?

Ведран Андоновски: Рајс направи врска меѓу двете теми – Грузија и Македонија. Воопштено коментираше дека ориентацијата кон НАТО е важна затоа што им помага на земјите да ги разрешат меѓусебните разлики:

- Eдна од причините за Акциониот план за членство во НАТО, и, во крајна линија, приемот во НАТО, е дека тоа им помага на државите да ги надминат долготрајните тешкотии, разлики и судири под закрила на организацијата за колективна безбедност, односно одбрамбената организација на демократии, кажа Рајс.

Првиот човек на американската дипломатија потсети дека само пред неколку децении, кога се распадна советската империја, било незамисливо дека ќе се решат разликите меѓу Унгарија и Романија, или пак меѓу Бугарија и Турција, на пример. Но, рече Рајс, тоа денес фактички се случува под закрила на НАТО.

Според Рајс, ширум Централна и Источна Европа, земјите како Чешката Република, Унгарија, Полска, балтичките земји, Албанија, Хрватска, Македонија и други веќе направиле или вршат транзиција кон трансатлантските институции. Тоа им овозможува не само да ги разрешат разликите, туку и да имаат причина и мотив за внатрешни реформи и натамошна демократизација. Од тие причини, Рајс смета дека акциониот план за членство во НАТО е мошне вреден и затоа САД и натаму се залагаат за таков план за Грузија и Украина.

Борјан Јовановски: Во овој контекст, Интернешенал Хералд Трибјун објави колумна на Едвард Џозеф, кој е добро познат на домашната јавност и кој исто така прави една паралела меѓу случувањата во Грузија и потребата за што побрзо интегрирање на Македонија во НАТО. Би можел ли накусо да ни кажеш кои се поентите на колумната на Џозеф?.

Ведран Андоновски: Едвард Џозеф, кој сега соработува со Центарот за трансатланстки односи при универзитетот Џонс Хопкинс, на 11-ти август во Интенешенал Хералд Трибјун изрази став дека Русија - во контекст на прекумерната воена реакција во Грузија - мора да се принуди на соработка во меѓународната заедница бидејќи претставува важен фактор во меѓународните случувања, како на пример околу Иран и нуклеарната програма на оваа земја.

Според Џозеф, постои еден индиректен начин, а тоа е НАТО да ја прими Македонија со помош на ефикасен американски ангажман во таа насока. Со тоа, смета Џозеф, НАТО би пратил кристално јасна порака до Русија - дека е решен да продолжи со проширувањето и дека нема да дозволи на други однадвор да го раскинат процесот, а истовремено би испратил силна порака од Балканот до Кавказот за интегритетот на малите држави.

XS
SM
MD
LG