Линкови за пристапност

Од 17 учесници на парламентарните избори потпис на Кодексот ставија само 13


Потпис не ставија од партијата Демократи, од Работничката партија како и од ГРОМ на Стевчо Јакимовски.
Потпис не ставија од партијата Демократи, од Работничката партија како и од ГРОМ на Стевчо Јакимовски.

Во Собранието не се појавија сите претставници на 17 политички партии и коалиции кои ќе учествуваат на парламентарните избори, а и од тие што дојдоа не сите го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори. Потпис не ставија од партијата Демократи, од Работничката партија како и од ГРОМ на Стевчо Јакимовски, кој даде две причини зошто денеска не го потпиша Кодексот.

„Првата причина е начинот на финансирање на парламентарните избори при што огромни суми се издвојуваат за 4 големи коалици. Втората причина зошто не потпишав е зашто носители на листи учествуваат во претседателската кампања.“, изјави Стевчо Јакимовски од Коалицијата Храбро за Македонија.

Но, и меѓу другите претставници кои се потпишаа на Кодексот има сомнежи за тоа дали претстојните избори ќе бидат фер и демократски.

„Ја потпишав оваа иницијатива и Кодекс, но потпишавме само форма, а не и суштина.“, оцени Максим Димитриевски од ЗНАМ.

„Ќе се придржуваме до приниципите за фер и демократски избори, а се надеваме дека истото ќе го прават и останатите политички чинители кои ќе учествуваат во овие избори. “, истакна Данела Арсовска од Нова Алтернатива.

Главните партии од власта и опозицијата – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се потпишаа на Кодексот – очекуваат конструктивна атмосфера и се обврзаа дека ќе водат фер кампања.

„Имав задоволство да го потпишам Кодексот кој значи почитување на правила. Она на што можам да се обврзам е дека ќе водиме позитивна кампања, зашто на Mакедонија и треба надеж.“, вели Тимчо Муцункси од ВМРО-ДПМНЕ.

„Се обврзуваме да имаме фер, коректна и демократска кампања. Граѓаните да видат дека политичките опоненти не ги гледаме како непријатели, туку да ги соочиме фактите, аргументите и програмите.“, истакна Сања Лукаревска од Коалицијата „За Европска иднина“.

Државната изборна комисија ги повика сите учесници во изборите да покажат зрелост и да се воздржат од каков било говор на омраза во кампањата.

„Кодексот е потврда за демократскиот развој за нашето општество дека сите заедно се обврзуваме на принципите на демократијата. Преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците испраќаат порака за фер и почитување на сите правила, закони и прописи, како и почитување на владеењето на правото и правната држава при организирање на изборите.“, навести Александар Даштевски, претседател на ДИК.

Кампањата за единаесетите парламентарни избори во Северна Македонија кои ќе се одржат на 8 мај почнува, утре.

XS
SM
MD
LG