Линкови за пристапност

Преспанско Езеро може да пресуши


Трајковски вели дека уште сега се забележуваат промени на формата на езерото, поради намалување на неговата површина. Според старите податоци таа изнесувала 284 квадрати километри, а сега само 259.
Трајковски вели дека уште сега се забележуваат промени на формата на езерото, поради намалување на неговата површина. Според старите податоци таа изнесувала 284 квадрати километри, а сега само 259.

На Светскиот ден на водата, 22-ри март 2024, го насочуваме фокусот на проблемот со Преспанското Езеро. Гласот на Америка разговараше со професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски. Тој е уверен дека на ова езеро му се заканува катастрофа и за неколку децении дури исчезнување од мапата на природни езера.

Професорот вели дека ваквите тврдења ги поткрепува врз основа на сегашниот тренд на намалување на нивото на езерото, кое во изминатите неколку децении изгубило речиси половина од неговиот волумен, отстапувањето од досегашната цикличност на нивото со период од 25 до 40 години, како и прогнозите за намалување на количеството на врнежи.

Преспанското езеро се соочува со исчезнување
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:15 0:00

Според анализите на Агенцијата на ОН за глобално затоплување, врнежите во земјава до 2100-та година можат да се намалат за 35 посто, а според некои песимистички сценарија и до 50 посто.

За околу 50-60 години може да се случи најголемиот дел од Преспанското Езеро да пресуши
Дејан Трајковски, професор на Техничкиот факултет, Битола

„Дури и без земање предвид на тие намалени врнежи со сегашните трендови, доколку намали ова просечно намалување со темпо од околу 18 сантиметри годишно, за околу 50-60 години може да се случи најголемиот дел од Преспанското езеро, околу 90 отсто од неговата површина да пресуши“, вели Трајковски.

Најголемиот дел од езерото може да исчезне, слично како Аралско Езеро во Централна Азија, вели тој, „бидејќи дното е рамно како тепсија, а моменталната длабочина e само 10-11 метри. Во тој случај од езерото би останале само неколку поголеми јами“.

Најголемата и најдлабоката би била околу 30 метри, на влезот на Нивичкиот залив во Грција, додава тој. „И останатите јами се на наша територија. Кај 'ртот Коњско, во близина на Стење, потоа потонатината помеѓу Асамати и Претор и ровот од Сливница, кој се протега во насока на Долно Дупени. Само таму би се задржале 4 јами со длабочина од околу 10 метри, додека најголемиот дел може да исчезне“. Трајковски вели дека веќе се забележуваат промени на формата на езерото.

Според старите податоци езерото било на 284 квадрати километри, а сега зафаќа само 259 квадрати километри.

Студијата на Градежниот факултет од Скопје година, лоцира неколку причини за ваквата состојба. Тоа се наводонувањето на обработливите површини со вода од езерото, преградувањето на конекцијата меѓу „малото“ Преспанско Езеро во Грција со „големото“ Преспанско Езеро, како и префрлувањето на вода во Корчанскиот систем за наводнување во Албанија.

„Со зголемување на температурите, во сливот на езерото се интензивираат изведувања на нови бушотини за индивидуално црпење на вода и локално наводнување. Сите овие човекови активности директно условуваат брзо спуштање на водостојот на водите во езерото, а зголемените температури на воздухот, намалената влага на воздухот и ветровите го забрзуваат процесот на испарување, што доведува до забрзано губење на големи количини на вода. Пресметките покажуваат дека езерото годишно губи 53 милиони m3 вода“, се вели во студијата, каде се проценува дека досега се избушени околу 8,000-10,000 бунари со кои се наводнува површина од најмалку 3.000 хектари.

Неопходно е трите држави кои го делат езерото, Северна Македонија, Албанија и Грција, заеднички да најдат начин за ублажуавње на проблемот.

„Најпрво треба да започнат со редовен мониторинг на нивото на езерото, изработка на прецизни мапи. Пред се` јас мислам дека треба да се воспостави врската, дотекот на вода од малото во големото Преспанско Езеро, бидејки во малото езеро дотекува голема притока од грчка страна и тоа секако би помогнало на големото Преспанско Езеро. Исто да се ограничи и наводнувањето на јаболковите насади“, вели професорот.

Во студијата се предлагаат и други мерки, како контрола на сите водотеци кои придонесуваат со свои водни количини во водите на езерото, контрола на подземните води, контрола за запирање на истекот кај месноста Грло во Албанија, мониторинг на изворите на Црн Дрим кај Свети Наум, изворите кај Тушемишта во Албанија.

Трајковски посочува на студијата на Градежниот факултет каде се споменува една од акумулациите на притока на Голема река во близина на Ресен, каде евентуално би се складирале 20 милиони метри кубни годишно вода, иако и тоа не е доволно. „Нас ни недостасуваат најмалку 47 милиони метри кубни годишно“, вели тој.

Од 1962 година, намалувањето на нивото на оваа водна површина според Трајковски е меѓу 10,5 и 11 метри.

На одредени места езерото е повлечено и до три километри.

XS
SM
MD
LG