Линкови за пристапност

Панел во Атлантскиот совет: Не само Балканот, туку и ЕУ доцни со внатрешни реформи за прием на нови членки


Модераторката од Атлантскиот совет Илва Таре со учесниците на панелот (од лево кон десно): Флоријан Бибер, Доника Емини, Дамир Капиџиќ и Марко Кмезиќ
Модераторката од Атлантскиот совет Илва Таре со учесниците на панелот (од лево кон десно): Флоријан Бибер, Доника Емини, Дамир Капиџиќ и Марко Кмезиќ

И покрај новиот моментум околу проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, регионот се соочува со обновени закани за неговата стабилност, предупредија учесниците на настанот во Атлантскиот совет во Вашингтон.

Соговорниците се осврнаа на регионалните предизвици и можности за Западен Балкан во време на интензивирана руска инвазија врз Украина.

Експертите од групата за советување за политиките на Балканот во Европа (BiEPAG) ги коментираа регионалните предизвици и можности во Западен Балкан, со фокус на политичките случувања во Босна и Херцеговина, дијалогот Белград - Приштина и можностите кои постојат за да се промовира стабилноста и безбедноста во регионот, но ѝ да се одржи Западен Балкан по европскиот пат.

Како војната во Украина влијаеше на геополитиката на ЕУ кон Западен Балкан?

„Изненадувачки е колку малку ја промени домашната политика“, заклучи Флоријан Бибер, експерт за Балканот од Универзитетот во Грац.

Според него, Босна и Херцеговина, Република Српска и Србија останаа верни на политиката на приврзаност кон Русија.

Доника Емини, директорка на платформата „ЦивиКос“ истакна дека мислела дека ова ќе биде можност Србија и Косово да најдат решение, но се случи спротивното: Србија се уште не е усогласена со меѓународната политика на ЕУ, остануваат истите тензии, кои, сега, се уште повеќе нагласени. „САД и ЕУ се занимаваат со шатл-дипломатија, но добивме многу слаб договор од Брисел оваа година“, изјави Емини.

Според Дамир Капиџиќ, професор од Универзитетот на Сараево, „она што го разоткри агресијата во Украина се поделбите во земјите од Балканот, на оние кои гледаат кон Исток, или кон Запад“.

Според професорот Бибер во реалноста нема никакви последици поради непочитувањето на санкциите кон Русија од страна на Србија, туку напротив - пристигна најголемиот грант од ЕУ за Белград, иако не ги почитуваше санкциите.

Марко Кмезиќ од Центарот за Југоисточни Европски Студии при Универзитетот во Грац рече дека ЕУ одиграла конструктивна улога на Западниот Балкан, од финансиски аспект, за да се надмине енергетската криза во регионот со почетокот на војната во Украина.

Што треба да направат ЕУ и САД за да спречат евентуална нова војна на Балканот?

„Да ја зајакнат демократија и владеење на правото, тоа е клучно“, изјави Емини, која смета дека САД и ЕУ имаат моќ, не само да спречат конфликт, туку да спречат лидери со авторитарни тенденции да владеат со години, кои што им го вртат грбот на реформите, кои, пак, го уназадуваат регионот.

За најновите вжештени релации меѓу Србија и Косово, аналитичарите сметаат дека дијалогот во Брисел нема резултати.

„Треба да се примени притисок“, вели Бибер и додава: „Имаме стотици илјади луѓе кои протестираат во Белград и не се охрабрени од ЕУ или САД, никој не излезе од меѓународната заедница и рече дека е во ред што овие луѓе бараат демократско уредување“.

Професорот Дамир Капиџиќ, на шега рече дека Босна и Херцеговина е исклучително стабилна, зашто, ништо не се менува, а изборите се предвидливи. „Заклучокот е дека може да се знае, кој ќе биде на власт. Стабилноста е добра, но стабилноста со долгогодишни автократите не е добра опција“, истакна Капиџиќ.

Според него, не можете да изградите стабилност со автократи, кои палат пожар, а потоа го гасат. „Тоа го видовме со Вучиќ и Додик, кои предизвикуваат пожар, а потоа го гаснат“, оцени Капиџиќ.

Проширување на ЕУ?

„Проширувањето беше замрзнато до почетокот на војната во Украина, а сега постои политичка волја во ЕУ за проширување“, анализира Бибер.

Со него се согласи и аналитичарот Марко Кмезиќ кој истакна дека „моментумот сега е присутен, а го немаше со децении“. Според него, во регионот има заробени држави каде доминира интересот на политичките елити, а ако „сакаме да видиме реформи, некои од тие лидери треба да завршат во затвор“.

Доника Емини истакна дека е потребно поголемо инсистирање на ЕУ за реформи во регионот. Од ЕУ сфатија дека земјите кои не се членки не можат да напредуваат економски. „Инвестициите не се само инвестиција во економијата, туку и во стабилноста, но во конкретниот случај на Балканот, државите се заробени од политичките елити и некои средства се злоупотребуваат“, заклучија експертите на настанот организиран од Атлантскиот совет за перспективите и предизвиците на Балканот.

И покрај овие предизвици, постојат и можности за градење постабилен и побезбеден Западен Балкан, оценија експертите и добри познавачи на Балканот.

XS
SM
MD
LG