Линкови за пристапност

ЕУ и САД да ја зајакнат стратегијата околу Западен Балкан пред тоа да го направи Русија


Русија неуспешно се обиде да ги спречи Црна Гора и Северна Македонија да влезат во НАТО, но продолжува и се обидува да ги запре босанските аспирации кон истата цел. Босна и загрозените балкански држави Северна Македонија и Црна Гора остануваат кревки на руската манипулација со нејзините граѓани. На оваа тема денес се разговараше во Колумбија Хариман институтот.

Минатиот месец, рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина упати закана за аспирациите на босанската влада да се приклучи на НАТО. „Босна и Херцеговина има право да одлучи дали ќе биде членка на НАТО, но Москва го задржува правото да одговори на таквата можност“, рече тој. Русија ја предупреди Босна и Херцеговина дека може да биде следната цел на Кремљ по Украина.

Ричард Крамер од Центарот за европски вредности за безбедносна политика вели дека стратегијата на Балканот е на ниско ниво.

„Мислам дека и администрацијата на Бајден но, и претходните администрации во САД се еден вид неуспех бидејќи се фокусираат само на големите нации во Европа а, помалку на Западен Балкан што се покажа како грешка која преку Украина и Западен Балкан му даде простор на Путин да ја зајакне својата позиција. Не верувам дека Русија наскоро ќе се врати понапредна во глобалната заедница. Таа и во иднина ќе опстои како закана, но она што е важно за нашето дипломатско јадро и раководство е да ја искористиме оваа прилика со нашите сојузници и да започнеме да создаваме јака и издржана стратегија на приближување на овие земји кон ЕУ и намалување на влијанието на Русија во овој регион, без разлика дали е политички, воен или економски“, вели тој.

И, според Курт Басунер од Советот за политика за демократизација, Босна и Херцеговина немаат никаква стратегија околу случувањата во Украина.

„Тие се центар во регионот на Балканот кој за жал не е толку стабилен. Босна беше кревка и пред случувањата во Украина. Армијата е слаба и може да се распадне, постојат и тешкотии околу меѓу етничките разлики во оваа држава која создава дополнителни проблеми. Истото се однесува и на полицијата која треба и да ги чува границите на Босна“, вели тој.

Според балканскиот експерт Реуф Бајровиќ од „Алијанса САД-Европа“ во Вашингтон, украинската одбрана се покажа како одлична. ЕУ конечно сфати дека Босна и Херцеговина но и регионот се важни, бидејќи може многу лесно да станат ранливи што се однесува на Русија, вели тој.

„Косово би можело да добие дополнителна поддршка за своја одбрана по војната во Украина. Македонија и Албанија мислам дека не се засегнати бидејќи веќе се членка на НАТО. Хрватска исто така е членка на НАТО и мислам дека таму нема грижи околу оваа тема но, Србија која не е членка на НАТО, додека најголемиот дел од оружјето со кое располага го купува од Русија, мислам дека е доволно да се каже дека тука може да имаме проблем во иднина“, додаде тој.

Но, според Ивана Страднер од Фондацијата за одбрана на демократии, нема ништо ново во руската инвазија но, има ново во начинот на кој ја водат таканаречената хибридна војна.

„Овој пат тие повеќе се вклучени во социјалните медиуми и пропаганди кои ги користи како дополнително оружје. Тие користат недозволиви тактики, оружје и слично а, потоа ја обвинуваат Украина и нејзините сојузници дека тие користат такво оружје. Русија е успешна во своите операции и намери, како на пример во Африка но, и на Балканот исто така, каде уживаат голема поддршка од тамошното население. Нивната типична реторика на негирање на војната, слично ја користат преку проруските медиумите особено во Србија и регионот. Но, оваа информациска војна сум сигурна дека ќе продолжи и во иднина и дека САД и ЕУ треба повеќе внимание да обрнат на оваа тематика“, вели таа.

Според нив, стратегијата за Западен Балкан од страна на ЕУ со поддршка од нивните сојузници САД, треба да биде во фокусот и главен приоритет на Западот.

XS
SM
MD
LG