Линкови за пристапност

САД го загубија врвниот кредитен рејтинг


САД го загубија врвниот кредитен рејтинг

САД го загубија врвниот кредитен рејтинг

Ова е по првпат тој да биде намален, од ААА во АА+.

Агенцијата Стандард енд Пурс (С&П) го намали кредитниот рејтинг на САД. Ова е по првпат тој биде намален, од ААА, во АА+.

С&П ја објасни одлуката со тоа дека планот за намалување на дефицитот, што Конгресот го усвои вторникот, не е доволен за стабилизирање на ситуацијата со задолженоста на САД. Агенцијата соопшти и дека одлуката го одразува нејзиното гледиште дека „заслабела ефективноста, стабилноста и предвидливоста на американската политика и политичките институции“, и тоа до степен поголем од оној што таа го предвидела пред неколку месеци, во услови на натамошни фискални и економски предизвици.

С&П кажа и дека перпеспективата на новиот рејтинг е негативна, што значи дека е можно ново намалување во наредните две години.

Американскиот Оддел за финансии оцени дека потегот на С&П е „со недостатоци“, појаснувајќи дека агенцијата направила грешка од 2 трилиони долари во пресметувањето на дефицитот. С&П ја уважи грешката, но ја задржа одлуката.

Претседателот Барак Обама и Конгресот вторникот постигнаа договор - на само неколку часа од крајниот рок - за зголемување на сумата на владино задолжување од 14,3 трилиони долари, со што беше избегната ситуација САД да не ги подмират должничките обврски навреме. Договорот истовремено налага владата да ги намали трошоците за преку 2 трилиони долари во наредните 10 години. С&П претходно повика намалувањето да изнесува 4 трилиони..

Реакциите во Конгресот на одлуката на С&П ја отсликаа политичката поделеност. Водачот на сенатското мнозинство, демократот Хари Рид, кажа дека таа ја реафирмира потребата од балансиран приод кон намалувањето на дефицитот, преку комбинација на кратење на трошоците и зголемување на даночните приходи, како што е укинувањето на даночните олеснувања за најбогатите Американци. Републиканскиот сенатор Џим ДеМинт по повод веста упати критика за договорот за долгот постигнат вторникот, коментирајќи дека бил изгласан и покрај забелешките на конзервативците, како и дека веќе има очигледен ефект, што се манифестира со губитокот на американскиот кредибилитет во светот.

Останатите две главни кредитни агенции, Мудис и Фич, засега го немаат намалено рејтингот на САД.

Веста за рејтингот дојде истиот ден кога владиниот Оддел за труд објави дека во јули биле отворени нови 117.000 работни места, како и дека невработеноста се намалила за 0,1% и сега изнесува 9,1.

Во редовното саботно радио-обраќање, претседателот Обама кажа дека земјата има ургентна мисија да направи економијата да се разива и да се отвораат работни места. Тој ги повика и демократите, и републиканците во Конгресот заеднички да преземат мерки за економски растеж кога ќе се вратат на работа од летниот распуст во септември. Обама предложи продолжување на даночните ослеснувања за работничките семејства и оние од средната класа, како и усвојување на трговските договори со Колумбија, Панама и Јужна Кореја кои веќе долго време се заглавени во Конгресот.

Во неделното републиканско обраќање, конгресменот Мајкл Грим кажа дека петочниот владин извештај за економијата покажува дека политиката на Обама нема резултати. Тој рече и дека договорот за долгот бил чекор во вистинската насока, но далеку од тоа да биде перфектен. Според Грим, нема доволни кратења и реформи.

Американската економија е најголема во светот, но инвеститорите покажаа мала доверба во слабиот економски опоравок, дури и по постигнувањето на договорот за долгот.

XS
SM
MD
LG