Линкови за пристапност

Вчерашната расправа во Поткомисијата за надворешни односи на Претставничкиот дом, беше најновиот форум на кој се разговараше за Балканот во неделата полна со слични настани во Вашингтон.

Еден од панелистите беше Хојт Ји, заменик-помошникот државен секретар во Стејт департментот. Тој зборуваше за успешна регионална соработка со Македонија, Албанија и Косово што помогнала да се разоткрие план за терористички напад во Албанија. Овие држави, рече тој, можат да ни помогнат само ако се стабилни и ако регионот е мирен. „Ние работиме кон тоа, иако преостанува уште многу да се стори“, рече тој.

Зборувајќи непосредно откако претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот за нова влада на Зоран Заев, тој коментираше: „Давањето на мандатот за формирање влада на парламентарно мнозинство, е основен демократски принцип, а македонскиот претседател Ѓорге Иванов го испочитува тоа“.

Ји потенцираше дека САД остануваат на заложбата балканските држави вклучувајќи ја и Македонија, да го забрзаат процесот за евроатланска интеграција.

На панелот стана збор и за влијанието на претстојното кратење на буџетот на САД на американската политика спрема Балканот. Високиот претставник на Стејт департментот беше дециден дека нема да има промена, односно дека тоа нема директно да влијае врз помошта која САД ја даваат за балканските земји.

Според конгресменот од сојузната држава Њујорк, демократот Грегори Микс, САД „не смеат да го свртат погледот од Балканот“. Балканот, рече тој, е стратешки важен, не само за САД туку и на глобално ниво.

Конгресмен Дејвид Сислајн, исто така демократ, рече дека САД мора заедно со балканските земји да продолжат да се борат против корупцијата како и да се залагаат за градење на здрава економија во овој дел од Европа. Балканот, според него, е важен и останува приоритет на американската политика. Цитирајќи негов колега, тој рече дека „Балканот произведува повеќе историја отколку што ние можеме да конзумираме“.

Последните случувања во Собранието на Македонија покажаа дека меѓуетничките тензии одат по нагорна линија, рече Ји, а дијалогот меѓу Србија и Косово уназадува. Тој констатираше дека стабилноста на Балканот станува ранлива.

Состојбата во Босна и Херцеговина е алармантна и таа полека станува „пропадната држава“, рече тој. „Национализмот во целиот регион зема замав“.

Според Ји, она што дополнително загрижува е руското влијание врз овие балкански земји кое има за цел да ги одврати од процесот кон интеграција во ЕУ и НАТО.

Соработката и помошта која САД и' ја даваа на Црна Гора вроди резултати, со влегувањето на земјата во НАТО, што треба да се случи на 5-ти јуни.

Доколку се решат проблемите со корупцијата, се спроведуваат реформите, се зголеми довербата во институциите, тогаш ќе се намали и руското влијание, а земјите ќе бидат помалку ранливи од рускиот притисок.

Примирјето меѓу Косово и Србија е најтешкиот процес, според Ји. Иако оди бавно, сепак, вели тој, САД и ЕУ се на добар пат за наоѓање соодветно решение.

За влијанието на Фондацијата Отворено општество и Сорос, Ји рече дека не е така како што се зборува во јавноста и дека влијанието е многу помало. Според него, поединци во невладиниот сектор ја поддржуваат политиката на ЕУ и САД која се залага за владеење на право, почитување на човековите права и слободата на медиумите во овие земји.

Во однос на позицијата на Албанците, поранешниот конгресмен Џо Диогарди и претседател на Албанско-американската граѓанска лига, изјави дека „САД на дипломатски начин треба да обезбедат промена на Уставот на Македонија, со што двете заедници би имале исти права“. Тој кажа дека „во Македонија нема мнозинско население, туку една третина Бугари, една третина Албанци и една третина православни Македонци“.

„Пет проценти Срби од северно Косово имаат повеќе права во Македонија, вклучително и права за употреба на јазикот, споредено со 40 проценти, или, да речеме, 35 проценти Албанци кои живеат во Македонија“, тврди Диогарди.

Експертот за Балканот при Универзитот Џонс Хопкинс, Даниел Сервер, имаше остри зборови за испуштањето на раководната палка од страна на САД на Балканот.

„Во десетте години по интервенцијата на НАТО во Босна во 1995-та година, државите од регионот имаа голем напредок. Но, изминативе десет години, со дозволувањето на Европа да ја преземе лидерската улога на Балканот, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Македонија се лизнаа, отворајќи ризици за проширување на нестабилноста. Тоа лошо ќе се одрази на глобалната улога на САД како лидер во светот, ги чини пропаѓање на три мировни договори и ќе не` чини далеку повеќе отколку резолуција за спречување на конфликт“, рече Сервер.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG