Линкови за пристапност

Одложен стартот на судскиот процес за насилствата во Собранието


Еден од обвинетите, кој е во куќен притвор, не беше спроведен во судот. Нов почеток на судењето е закажан за идната недела. Максималната казна за делото за кое се товарат е три години затвор. Дел од експертите сметаат дека Обвинителството мора да го преквалификува делото во потешко со построга казна

Судењето на првата група од деветмина учесници во упадот во Собранието на РМ и нападот врз пратениците, се одложи бидејќи во скопскиот Кривичен суд не беше спроведен првообвинетиот - скопјанецот Ангел Зафировски, кој се наоѓа во куќен притвор. Ниту судот ниту полицијата засега немаат одговор зошто Зафировски не се појави во судницата и чија е вината за тоа. Токму затоа на судијата Милка Ангеловска-Васевска не и` преостана ништо друго, освен да го презакаже почетокот на процесот за 23-ти мај.

На обвинителната клупа, покрај Зафировски, се наоѓаат и Димче Христовски, Данилчо Василевски, Стојан Павловски, Борис Мутков, Марјан Стојковски, Виктор Настев, Александар Стојчев и Мирче Цветановски. Тие се товарат за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, за што максималната предвидена затворска казна е три години. Петмина од обвинетите се бранат од слобода, а на четворица им се изречени мерките - притвор и куќен притвор.

Адвокатите од одбраната ниту пак обвинетите, не сакаа да дадат изјави за очекувањата од процесот и евентуалниот исход но и дали се чувствуваат виновни, така што брзо си заминаа од Судот.

На денешното рочиште се појавија и оштетените, вкупно 20 лица, сите припадници на МВР кои беа повредени во нередите во Собранието. Речиси сите се припадници на единицата ЕБР, освен двајцата полицајци, кои ги штитеа пратениците во прес-салата во моментот кога толпата упадна внатре.

Експертската јавност се` уште бара од Обвинителството преквалификација на делото за кое се товарат осомничените и обвинетите за насилствата во Собранието. Аналитичарите сметаaт дека се исполенти сите услови и дека има несоборливи докази тие да бидат гонети за далеку потешки и посериозни кривични дела за кои е предвидена долгогодишна затворска казна.

Од Обвинителството соопштија дека засега одат со пријави за учество во толпа бидејќи имаат докази само за тоа дело, но не ја исклучуваат можноста за преквалификација.

„...Ако дополнително се пронајдат нови докази кои укажуваат дека определено лице извршило друго кривично дело, јавниот обвинител во текот на целата постапка може да изврши преквалификација или лицето да го гони и за други кривични дела“, стои во соопштението до јавноста.

Сепак, доколку тоа се случи, обвинителството ќе мора да реагира многу брзо, бидејќи доколку се донесе пресуда, тогаш сите нови докази паѓаат во вода.

Досега МВР и Обвинителството поднесоа кривични пријави против 33 лица кои се идентификувани дека влегле во зградата на Парламентот и ги нападнале пратениците.

Само против двајца, татко и син од Скопје, за кои е потврдено дека учествувале во бруталното претепување на пратеникот Зијадин Села, е поднесена кривична пријава за обид за убиство. Вкупно четири лица се во притвор.

Во рамките на истрагата во Јавното обвинителство секојдневно на распит се повикуваат пратеници и полициски службеници. Досега свои искази дале речиси сите пратеници на СДСМ кои со часови беа заробени во прес-салата во Парламентот, Артан Груби и Талат Џафери од ДУИ, и неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ чиј идентитет не се открива.

Од СДСМ остануваат на ставот дека Обвинителството не смее да остане на пријавите и квалификациите со кои се минимизира насилството.

„Пратениците беа мета на крвнички напад со цел да бидат убиени, а обвинителството ќе стане соучесник ако продолжи да ги гони насилниците само за учество во толпа“, изјави потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска по едночасовниот распит во Обвинителството.

Засега не е познато кои пратеници од ВМРО- ДПМНЕ без повикани на распит и во кое својство. Снимките од безбедносните камери во Собранието покажаа дека токму пратениците Крсто Муковски и Сашо Василевски ги отвараат вратите од Собранието за толпата да може да упадне внатре.

Денеска пред скопскиот Кривичен суд се собраа педесетина граѓани од неколку здруженија во знак на поддршка на обвинетите. Тие не беа расположени за изјави, фотографирање или снимање. Со аплауз и транспаренти на кои пишуваше - „Верував во сè, но не дека моите ќе ми судат за Македонија“ и „Слобода за патриотите, затвор за предавниците на Македонија“, ги дочекаа обвинетите кои ја напуштаа судската зграда.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG