Линкови за пристапност

Обвинителството гони две лица за обид за убиство на пратеникот Села


Досега сите 25 пријави кои беа поднесени против осомничени за насилствата во Собранието беа за учество во толпа што беше критикувано од експертската јавност

Скопје - Јавното Обвинителство најави кривични пријави против две лица за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села за време на насилствата кои се случија на 27 април во Собранието на РМ. Најверојатно станува за двете лица за кои МВР информираше дека утрово се уапсени под сомненине дека учествувале во бруталното претепување на пратеникот Села.

Од Обвинителството соопштија дека е побаран притвор за двајцата осомничени.

„Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека до овој момент, идентификувани се две лица инволвирани во нападот на пратеникот З.С. за време на настаните во Собранието на Република Македонија на 27.04.2017г. Од досега прибавените докази, Основното јавно обвинителство – Скопје оцени дека постои основано сомнение дека овие две лица, заедно со други лица, кои во овој момент се неидентификувани, го извршиле кривичното дело Убиство од чл.123 ст.1 во врска со чл. 22 и во врска со чл.19 од Кривичниот законик“, стои во соопштението на Обвинителството.

МВР пак утрово ги објави идентитетите на осомничените, татко и син од Скопје, и соопшти дека во претресите во нивниот дом се подигнати предмети на кои имало траги од крв.

„На 10.05.2017 година, со наредба од Судија на претходна постапка, во 06.00 часот извршен е претрес во домот на лицето К.Ѓ. (39) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека извршил кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело". Од извршениот претрес биле пронајдени и подигнати патики со траги слични на крв, облека и три мобилни телефони, кои со потврда за привремено одземени предмети му се одземени. К.Ѓ. заедно со неговиот татко Ц.Ѓ. (68) се приведени во ПС Кисела Вода. При преземањето на мерките и активностите било утврдено дека во салата 3, каде се одржувала прес конференција, Ц.Ѓ. најпрвин фрлил стол, а К.Ѓ. фрлал разни предмети кон присутните пратеници, по што двајцата заедно физички го нападнале и го влечеле пратеникот З.С.“, велат од МВР.

Од официјалните информации може да се заклучи дека Обвинителството не ја прифатило пријавата на МВР за учество во толпа и го преквалификувала делото во далеку потешко - обид за убиство.

Токму ова беше предмет на дебати во јавноста и кај експертите кои сметаа дека досега поднесените 25 кривични пријави, сите за учество во толпа, за кои се предвидува казна до три односно пет години затвор не се соодветни за делото кое е сторено.

Од Обвинителството пак тврдеа дека сите пријави заедно со доказите кои досега им биле доставени од МВР се однесувале исклучиво на учество во толпа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG