Линкови за пристапност

Директорот на ФБИ го преувеличел сведочењето за Хилари Клинтон


Официјалните лица велат бројот на препраќаните електронски пораки на Клинтон од нејзината соработничка Хума Абедин, бил многу помал од она што го изјавил Џејмс Коми

Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) Џејмс Коми, го пренагласил клучниот наод за истрагата во врска со електронските пораки на демократката Хилари Клинтон, за време на сведочењето пред Конгресот минатата недела, изјавија официјални лица блиски до истрагата.

Според нив, Коми погрешил кога пред конгресниот истражен панел рекол дека помошничката на Клинтон, Хума Абедин, ги испратила „стотиците и илјадниците“ електронски пораки во периодот од 2009-та до 2013-та на нејзиниот поранешен сопруг и тогашен конгресмен, Ентони Винер. Вистинската бројка е многу помала, изјавија официјални лица.

Коми минатиот јули изјави дека Клинтон била „премногу невнимателна“ во справувањето со имеил пораките што се однесувале за национална безбедност, додека била на функцијата државна секретарка, но дека не е покрената никаква кривична постапка.

Потоа, кон крајот од октомври, или непосредно пред изборите, првиот човек на ФБИ изјави дека ќе ја обнови истрагата, бидејќи неговата агенција открила електронски пораки на Хилари Клинтон на компјутерот на Винер.

Клинтон минатата недела ја обвини повторно отворената истрага на Коми, толку близу до датумот на изборите, како една од причините за нејзиниот пораз.

Два дена пред изборите, директорот на ФБИ кажа дека откако истражителите ја разгледале новата група пораки, не нашле нови детали, потврдувајќи го првобитниот заклучок дека нема основа за кривични обвиненија против Клинтон.

На сослушувањето во Сенатот минатата недела, Коми рече: „Некако, нејзините електронски пораки биле испратени до Ентони Винер, вклучувајќи и класифицирани информации. Неговата тогашна сопруга Хума Абедин се чини дека имала редовна пракса да ги препраќа пораките до и од него, по што мислам ги принтала, за потоа да може да ги достави до Клинтон“.

Од друга страна, Коми кажа дека Абедин „препраќала стотици и илјадници пораки, а дел од нив содржеле класифицирани информации“.

Официјалните лица запознаени со истрагата рекоа дека ниту една од изјавите не е точна, а Абедин одвреме-навреме препраќала материјал до нејзиниот сопруг, за да бидат испечатени и да и` се дадат на Клинтон и дека бројот на имејл пораките бил многу помал од она што го кажал Коми.

Во моментов не е познато дали или како тој би можел да го корегира исказот.

Директорот на ФБИ, за време на минатонеделниот распит во Сенатот, кажа дека „чувствува мачнина“ за можноста неговите постапки да одиграле улога во исходот на изборите. Тој воедно се` уште ја оправдува одлуката што го информирал Конгресот за обновување на истрагата за електронските пораки, бидејќи претходно кажал оти ќе го стори тоа ако има промени во условите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG