Линкови за пристапност

Изречени првите притвори за насилствата во Собранието


Дел од бараните се во бегство. Неколкумина од учесниците во насилствата преку социјалните мрежи бараат амнестија од претседателот Иванов доколку бидат гонети. СДСМ обвинува за напад организиран од ВМРО – ДПМНЕ во кој учествувале полицајци, војници и државни службеници

МВР приведе седум лица осомничени за упадот и насилствата во Собранието, а судија на претходна постапка од скопскиот Кривичен суд, им одреди осумдневен притвор на четворица.

Како што објаснуваат од судот, должината на притворите по барање на Обвинителството бидејќи се работи за скратена постапка и во ваков случај не може да се одреди на подолго времетраење. Според официјалните информации ,на еден од уапсените му е одреден куќен притвор, а двајца мора да се јавуваат во судот.

Јавното обвинителство вчера излезе со информација дека во досегашната истрага идентфикувале 15 лица за кои побарале од МВР да бидат приведени. Тие се товарат за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, за кое е предвидена казна од една до пет години затвор.

„До Обвинителството во врска со овој настан е поднесена кривична пријава од страна на МВР, и по неа интензивно се постапува. Во Основното јавно обвинителство-Скопје, досега се сослушани поголем број лица, припадници на полицијата. Основното јавно обвинителство- Скопје, по прибирање на релевантен доказен материјал, за петнаесеттемина инволвирани во нередите кај Собранието на Република Македонија првично започна постапка поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело – Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие од член 384 од Кривичниот законик.

Во моментов, седум од лицата се лишени од слобода. Надлежен јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, за четиринаесет од осомничените предложи до судија на претходна постапка да им биде определена мерка притвор. За едно лице е предложено определување на мерки на претпазливост“, соопштија од Обвинителството.

Сепак оттаму нема информација во кое својство се сослушувани полицајците, дали како сведоци или како осомничени.

Неофицијално меѓу приведените седуммина има еден полициски службеник кој работел во УБК. Од МВР се `уште ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат оваа информација.

СДСМ вчера презентираше фотографии и видео материјал преку кој посочи неколку неколку лица, службеници во МВР, АРМ и државната админинстрација кои учествувале во нередите и во нападите врз пратениците. Тие го обвинуваат раководството на ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад нападот.

„Од снимките граѓаните масовно ги препознаваат извршителите на Груевски, Мијалков, Чавков и Вељаноски. Сите до еден им беа познати на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Сите до еден се дел од партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ. Директори на јавни претпријатија, раководители на сектори, вработени во МВР, вработени во јавни претпријатија и многу други коишто примаат плата од државата. Но, во Собранието беа пратени за да извршат обид за убиство и тешки криминалци и убијци. Станува збор за организирано сценарио на режимот во распад“, обвинија од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ нема официјална реакција на обвинувањата и тие остануваат на ставот дека инцидентите и насилствата ги предизвикале токму СДСМ, со според нив, нелегитимниот избор на Џафери за собраниски спикер.

„Народот виде на што се` е спремно раководството на СДС, само за да се добере до власта, за да одбегне одговорност за криминалот што го има направено. Сите кои учествуваат во овој срамен обид за државен удар, освен што ќе бидат обележани во историјата како главни виновници за немилите настани во Собранието, ќе одговараат и за најтешки кривични дела кои не застаруваат“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера неколкумина граѓани кои упаднаа во Собранието побараа од претседателот Иванов да бидат амнестирани доколку евентуално против нив се покрене обвинение. Тие сметаат дека со нивните постапки ја бранеле државата.

За СДСМ е апсурдно некој да помисли дека е можна амнестија.

„Барањата за амнестија до Ѓорге Иванов, доаѓаат од организатори и мотиватори на протестите. Спроведен е организиран обид за убиство на пратеници, а загрозена беше и безбедноста на новинари и вработени во Собранието. Со тоа е направено тешко кривично дело, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност. Ќе има и одговорност“, се вели во писмената реакција на партијата.

Четири дена по насилствата во Собранието, се` уште никој официјално не понесе одговорност за безбедносните пропусти и фактот дека стотици граѓани без речиси никаков отпор од полициските специјалци, упаднаа во заградата на Парламентот. Од телевизиските снимки се гледа дека специјалците не се ни обидуваат да ги запрат граѓаните, а со некои од нив дури и се поздравуваат.

Првиот човек на полицијата, Агим Нухиу кој е од редовите на ДУИ, вината директно ја лоцираше кај директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, член на потесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Нухиу го обвини Чавков дека избегнувал контакт со часови и одолговлекувал со наредбата за празнење на Собранието и евакуација на забарикадираните пратеници и новинари.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG