Линкови за пристапност

Пратениците се вратија во Собранието, рововската битка продолжува


Партиите останаа цврсто на своите ставови, ВМРО- ДПМНЕ бара нови предвремени парламентарни избори и отфрлање на платформата, а СДСМ деблокирање на Собранието и брз избор на собраниски спикер

По петдневна пауза, пратениците повторно се вратија во собраниската сала и по 13-ти пат ја продолжија Конситутивната седница на која треба да се избере претседател на Комисијата за избори и именувања и претседател на Собранието. На дневен ред е третата точка, односно изборот на претседател на Комисијата, а единствен кандидат е пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ, Илија Димовски.

Како што се очекуваше, и денеска ништо ново и иста слика. Бесконечни реплики, контра-реплики и процедурални забелешки преку кои пратениците, главно од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се препукуваа и меѓусебно се обвинуваа. Повторно најмалку се дебатира за изборот, а фокусот е на т.н. „Тиранска платформа“, односно за опструкцијата на работата и кршење на собранискиот Деловник.

Партиите останаа цврсто на своите ставови, ВМРО- ДПМНЕ бара нови предвремени парламентарни избори и отфрлање на платформата, а СДСМ деблокирање на Собранието и брз избор на собраниски спикер.

На собраниската говроница пратениците се менуваа како на лента. Пратеникот од ДУИ Ејуп Алими, ги праша колегите од ВМРО- ДПМНЕ зошто им пречи употребата на албанскиот јазик, а не на грчкиот јазик кој често се употребува во Гевгелија.

Илија Димовски од ВМРО- ДПМНЕ пак, ги обвини локалните власти во Гостивар дека го игнорираат службениот и официјален јазик во Македонија, посочувајќи на минатонеделното пуштање во употреба на нов мост при што бил употребен напис само на албански јазик.

„Ова е тоа што штети на меѓуетничките односи во земјата“, рече Димовски.

Томислав Тунтев од СДСМ повторно побара пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не ја опструираат работата на Собранието.

„Единствена причина поради која го правите ова, е само за да ги зачувате вашите привилегии, рече Тунтев, обвинувајќи за лицемерие.

Досега, во 12-те продолженија на седницата, своето право на збор го искористија 8 од вкупно 57 пријавени пратеници.

Во меѓувреме, албанскиот премиер Еди Рама, во интервју за американскиот магазин „Политико“, изјави дека т.н. „Тиранска платформа“ е мит кој го создале македонските политичари и предупреди дека нападите врз платформата разгоруваат национализам и поделби. Рама призна дека ја помогнал средбата на лидерите на албанските партии од Македонија во Тирана, додавајќи дека не се обидувал да се меша во внатрешните работи на Македонија.

„Има мит создаден во Скопје за политички цели, дека албанските партии следат платформа напишана во Тирана. Тоа е лага, мит, креиран од политиката со многу лош вкус. Нападот на платформата е опасен, бидејќи тоа е политика која разгорува поделби, а не заедништво. Последната работа што ѝ е потребна на Македонија, последна работа што на сите ни е потребна, би била разгорување на меѓуетнички конфликт, бидејќи овие работи тешко се контролираат“, рече Рама во интервјуто за „Политико“.

Албанскиот премиер смета дека Албанците во Македонија имаат „целосно право да бараат еднаквост со нивните македонски браќа“, а платформата бара права и слободи кои се предвидени со Охридскиот рамковен договор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG