Линкови за пристапност

Како Македонија ресоцијализира?


Некои велат државата не мрднала ни педа подалеку од превенција преку репресија

Македонија нема развиено програма за ресоцијализација на лицата кои биле дел од странски војски како што е ИСИС, по нивното враќање дома, велат експерти по безбедност за Гласот на Америка.

Универзитетските професори Злате Димовски и Дашмир Насуфи велат дека е потребно кревање на свеста кај потенцијални жртви како и програми за превенција уште од основно образование.

„Подигувањето на свеста треба да оди преку институциите на системот. За жал до сега ништо посебно немаме преземено во таа насока. Се држиме на генерална превенција преку репресија. Меѓутоа и тоа е многу тешко, бидејки самото докажување дека некој бил во странска војска и изведување на докази пред суд е многу тешка задача“, вели Димовски.

„Програмите за превенција треба да почнат уште од основно образование ... за да не доаѓаме во ситуација во која што сме сега. Кога ќе стигнеме во овие ситуации – многу е потешко. Тие луѓе кои се враќаат од таму со друг менталитет. Ние не знаеме со каква цел тие се враќаат овде“, вели Насуфи.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски вели дека се следи безбедносната состојба во регионот и пошироко, но и настаните поврзани со Сирија.

„ИСИС во последниве неколку месеци трпи загуби на бојното поле и веќе не е толку атрактивна, но тоа не значи дека не треба да се продолжи да се следи оваа ситуација и институциите да можат содветно да реагираат. И понатаму работиме на развој на мерки за да може да се справуваме со вакви предизвици“, вели Јолевски.

„Наводно губи ИСИС, но факт е дека тие од жива сила имаат многу потреба. Претпоставувам дека активно се врши селекција и индоктринација на идни борци кои таму би оделе. Ние сме посочени како една од државите во регионот како извор на такви лица“, вели професорот Злате Димовски.

До сега во Македонија беа спроведени неколку акции под називот „Ќелија“ кои имаа за цел спречување на приклучување македонски граѓани во ИСИС и други организации. Според информации на надлежните служби околу 25 лица од Македонија до сега загинале на боиштата во Сирија, додека педесетина се` уште се дел од Исламската држава. Според едно истражувања на Бирн - Балканска исражувачка мрежа, од Македонија во Сирија и Ирак заминале 207 лица, додека назад се вратиле 70. Во Охрид неодамна претставници од безбедносниот сектор од регионот разговараа за заканите од ИСИС и нивна радикализација преку кибернетскиот простор во регионот на Југоисточна Европа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG