Линкови за пристапност

Пред заминувањето за Москва, државниот секретар на САД се среќава со колегите да разговара за минатонеделниот ракетен напад од САД

На состанокот на министрите за надворешни работи на Групата 7 (Г-7) кој завршува во вторник доминираше ситуацијата во Сирија. Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон побара поддршка од сојузниците, пред да замине за Москва на средби со руски официјални претставници.

На маргините на разговорите во Италија, Тилерсон се среќава со неговите колеги од Јордан, Катар, Саудиска Арабија, Турција и Обединетите Арапски Емирати за да разговара за минатонеделниот ракетен одговор на САД по нападот со хемиско оружје во Сирија.

По состанокот со Тилерсон во понеделникот, британскиот секретар за надворешни работи, Борис Џонсон изјави дека по американското ракетирање на сириската воздухопловна база „играта е променета.“

Подоцна во понеделникот, британската премиерка Тереза Меј по телефон разговарала со претседателот Доналд Трамп. Од нејзината канцеларија соопштија дека двајцата се согласиле оти сега е создадена можност да се убеди Русија дека сојузништво со Сирија повеќе не` е во нејзин интерес.

Во соопштението на Белата куќа по разговорот со Меј, и по разговорот на Трамп со германската канцеларка Ангела Меркел, се вели дека била постигната согласност за важноста сирискиот претседател Башар ал-Асад да се земе на одговорност.

Тилерсон вчера се придружи на министрите за надворешни работи на Г-7 за положувањето на венец во селото Тускан, каде нацистите за време на Втората светска војна масакрирале повеќе од 500 цивили.

Освен шест годишната граѓанската војна во Сирија и сојузот на Русија со Асад, министрите работеа и на други прашања, вклучувајќи ја заканата од нуклеарната програма на Северна Кореја и поддршката на Москва за проруските бунтовници кои се борат во источниот дел на Украина.

Лидерите на земјите од Г-7, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД во мај се среќаваат на самит во Италија. На дводневниот состанок министрите за надворешни работи ги поставија темелите за овие разговори, со приоритет на заедничките напори во борбата со Исламската држава во Сирија и Ирак.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG