Линкови за пристапност

Времето тече, политичката криза се продлабочува


Во Собранието ситуацијата е непроменета. Груевски бара нови избори, Иванов нема да го даде мандатот на Заев и да се избере собраниски спикер. Меѓународната заедница и натаму со став за брзо формирање на влада

Партиите остануваат цврсто на своите дијаметрално спротивни ставови, претседателот Ѓорге Иванов објави дека нема да го додели мандатот, се' додека постои т.н. „Тиранска платформа“. Без разлика на развојот на настаните во Собранието, меѓусебните обвинувањата продолжуваат, како и барањата на САД, ЕУ и НАТО што е можно поскоро да се формира влада за излез од кризата.

По девет дена непродуктивни дебати, полни со нервоза и обвинувања, пратениците заминаа на продолжен викенд. На дневен ред се' уште е точката за избор на претседател на Комисијата за избори и именување, каде единствен кандидат е Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Не се очекува промена на ситуација ниту наредната недела.

Експертите сметаат дека едно од решенијата е парламентарното мнозинство кое го сочинуваат СДСМ и албанските партии, да ги остават пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ја исцрпат дебатата која ја иницираа. Тоа може да трае и неколку недели, пред да се дојде до гласање, а потоа целиот процес би се повторил одново за наредната - четврта точка на дневниот ред. Ова значи дека со стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ, Парламентот би останал нефункционален во наредните два месеца и нема да се избере нова влада.

Како солуција се укажува и на можноста собраниската седница да ја води најстариот пратеник, а не претседавачот Трајко Вељаноски, но тоа е малку веројатно да се случи. Собранието би останало блокирано и доколку Вељаноски не се појави на седница бидејќи двајцата заменици се од редовите на парламентарната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ.

Последните неколку дена ВМРО-ДПМНЕ преку медиумите блиски до оваа партија, предупредува на насилни сценарија и обиди на опозицијата да го добие мандатот. Се повикува на “подготвеност“, „будност“ и „решителност“, а се појавија и македонски патриотски здруженија кои отворено застанаа во „одбрана“ на Македонија.

Никола Груевски во својата последна изјава побара од своите приврзаници да се подготват за „долготраен отпор“.

„Оваа битка нема да заврши за неколку дена. Затоа народот треба да биде подготвен за подолгорочен отпор. Заев и неговата банда по секоја цена сакаат да дојдат на власт, дури и по цена на насилство во Парламентот, како што се заговара овие денови, особено за наредната недела или по Велигден“, рече Груевски.

Претседателот Иванов, во интервју за хрватската државна телевизија, соопшти дека и да се избере претседател на Собранието, тој нема да му го додели мандатот на Зоран Заев истовремено напаѓајки го дека е исплашен и дека игра во туѓа игра. Иванов го повтори ставот дека на тој начин ги брани интересите на државата.

„Правната пречка се решава со избор на нов претседател на Собранието. Јас како претседател на државата, имам рок од 10 дена да го дадам мандатот… Но, другата пречка е посуштесвена. Тие 67 потписи се добиени под уцена на албанските партии, Заев да прифати платформа која е донесена во кабинетот на Премиерот на друга држава. Ако дадам мандат на некој кој прифатил платформа на туѓа држава, согласно нашиот кривичен закон, членот 308, јас ја рушам независноста на државата, таму изричито стои, тој што би ја довел државата во подредена состојба и зависност од друга држава, се казнува до пет години“, рече Иванов.

Притисокот на меѓународната јавност не попушта. Пораките кои пристигаат од ЕУ, НАТО и САД се исти. Брзо формирање на влада за излез од кризата. Во Македонија допатуваа Фредерика Могерини, еврокомесарот Јоханес Хан и претседателот на европскиот совет Доналд Туск кои лично ги пренесоа пораките на Брисел.

Американскиот амбасадор Џес Бејли побара од претседателот Иванов и од Собранието да се придвижат процесите. Тој не сакаше да коментира кои би биле следните чекори на меѓународната заедница доколку политичките процеси во земјава и натаму останат блокирани и не се формира влада во скоро време.

„Ние го помагавме дијалогот во договорите во Пржино, но на крајот на краиштата, вашите институции се местото каде што ова треба да се разреши. Имате Собрание и таму може да се дискутира за сите прашања. Но, важно е да одиме напред со формирање на владата. Ако не одиме напред, тоа ќе значи одложувања на одлуки, можеби нереализирање на проекти, и на крајот граѓаните ќе мора да одлучат дали сакаат нивното Собрание и политички лидери така да постапуваат“, рече Бејли.

Последната порака кон политичарите во Македонија ја испрати генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој соопшти дека членките на Алијансата се загрижени поради состојбата во Македонија и испрати апел до сите политички партии да се однесуваат согласно прифатените политички процеси почитувајќи ги законите.

„НАТО нема интерес да се меша во внатрешните политички процеси на вашата земја и ние нема да заземеме страна. Сега одговорноста им припаѓа на сите политички лидери во Скопје, да го испочитуваат исходот од демократскиот процес и брзо да се премине кон формирање на функционална и извршна влада, во чиј фокус ќе биде продолжување на итните реформи и работење во корист на сите граѓани“, истакна Столтенберг.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG