Линкови за пристапност

Продолжи конститутивната собраниска седница


На дневниот ред се` уште е изборот на претседател на Комисијата за избори и именувања каде кандидиран е Илија Димовски, додека изборот на претседател на Собранието е последна точка

Конститутивната седница на Собранието многу веројатно ќе биде најдолгата седница во историјата на македонскиот Парламент. Денешното продолжение не донесе ништо ново, и во многу наликува на она од вчера, со единствена разлика што сега репликите се однесуваат на говорот на пратеникот Илија Димовски, кој втор по ред зеде збор од собраниската говорница по неговиот сопартиец Антонио Милошоски.

На дневниот ред се` уште е изборот на претседател на Комисијата за избори и именувања каде кандидиран е токму Димовски, додека изборот на претседател на Собранието е последна точка.

И денеска собраниската говорница главно ја користат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои со реплики и контра- реплики речиси ја сопреа работата на Собранието.

Пратеникот од ДУИ Џевад Адеми, рече дека во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ немало никаков проблем околу Законот за јазиците или пак кандидатурата на Талат Џафери за претседател на Собранието, туку единствена пречка било Специјалното јавно обвинителство.

Горан Мисовски од СДСМ, го обвини претседавачот Трајко Вељаноски дека со своите постапки штити злосторничко здружување и ги праша пратениците од ВМРО-ДПМНЕ зошто Талат Џафери претставува лош избор кога тој од нив веќе бил избран за министер за одбрана.

Вељаноски пак ги повика пратениците да се откажат од своето право на збор за да се забрза работата, но неговиот предлог не беше прифатен од пратениците од ВМРО- ДПМНЕ.

Поранешниот претседател на Собранието Стојан Андов, смета дека парламентарното мнозинство треба да ги остави пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги исцрпат сите предлози и дискусијата, без разлика колку време тоа ќе одземе.

Вчера, откако стана јасно дека работата на Собранието ќе се закочи, СДСМ го предложи Талат Џафери за претседател со барање зад кое застанаа 20 пратеници.

Антонио Милошоски пак во своето обраќање побара претседателот на Собранието да биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тоа било вољата на народот и услов за кандидатура да биде јасна осуда и откажување од т.н. „тиранска платформа“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG