Линкови за пристапност

Зврлевски бара подобар Закон за следење на комуникациите


Шефот на обвинителството не е задоволен со фактот што следењето на комуникациите е во рацете на МВР и смета дека злоупотребата на системите за следење предизвикало голема општествена криза во Македонија

Во Македонија мора да се донесе нов и подобар Закон за следење на комуникациите кој прецизно ќе дефинира кој се може да ги следи комуникациите, но и за да се избегнат злоупотребите кои имаат сериозни последици по општеството. Ова е ставот на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски кој денеска ја отвори меѓународната конференција „Следење на комуникациите – законска рамка и искуства, улогата на јавниот обвинител“, на која учествуваат јавни обвинители од Албанија,Црна Гора, Косово, Хрватска , Русија,Турција, Бугарија и Словенија.

„Следење на комуникацијата како начин за зачувување на безбедноста на нашата држава претставува предизвик со кој јавните обвинители секојдневно се соочуваат. Средствата за следење на комуникациите ги нарушуваат основните човекови права и придонесуваат за дестабилизација на општеството. Сведоци сме на честа злоупотреба на механизмите за следење на комуникациите“, рече Зврлевски.

Барањето за нов закон го образложи со фактот што во моментов во Македонија следењето го врши исклучиво МВР, иако Законот овластува и други државни институции.

„Со законот повеќе институциикако Јавното обвинителство, МВР и Царинската управа имаат овластувања да ги следат комуникациите, но тоа останува само на хартија, а следењето на комуникациите е целосно само во рацете на МВР и најчесто без знаење на Јавните обвинителства“, додаде Зврлевски.

Недостатоците во Законот се една од причините кои доведоа до скандалот со нелегалното прислушување кое остави сериозни траги во македонското општество.

„Нелегалното следење на комуникациите доведе до голема општествена криза во Република Македонија, но ова не е прв пат системите за следење на комуникациите да бидат злоупотребени во земјава“, истакна шефот на обвинителството.

Претседателот на Врховниот суд на РМ, Јово Вангеловски, имаше сличен став со Зврлевски.

„Следењето на комуникациите е ефикасенинструмент во истрагата. Истражните мерки во новиот закон се усогласени со меѓународни закони. Кога постојат сомнежи дека се подготвува дејство против државата или вооружените сили барањето за следење на комуникации, јавниот обвинител го поднесува до Врховниот суд. Правната рамка е битен сегмент и практичното делувањето меѓу надлежните органи во државата и надлежните органи во регионот ќе донесе до подобрување на законската рамка“, рече Вангеловски.

На меѓународната конференција не беа поканети претставници на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кое беше формирано токму поради скандалот со нелегалното прислушување.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG