Линкови за пристапност

Во Битола денес нема радост

  • Синиша Станковиќ

Градот на конзулите веќе не е за гордеење за неговите жители

„Градот на конзулите„ и „градот на клавирите“, во кој живеел и работел првиот балкански снимател Милтон Манаки, градот со кој неговите жители се гордееле последните 150 години, денес, според анкетата со битолчани на Широк Сокак, е запустена паланка.

„Во Битола денес нема радост“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Габриела Илиевска, советничка од ВМРО - Народна партија во Советот на Општина Битола. Таа резигнирано ја обвинува, пред сé, локалната но и централната власт, за состојбата во која се наоѓа некогашната најурбана средина во Македонија, градот на еснафот, на традицијата, на граѓанскиот начин на живот...

Битола, чиј долгогодишен градоначалник беше во домашен притвор и чека разврска на судскиот процес, денес нема ни полигон за полагање возачки испит, спортот е пред исчезнување, поради проблеми со инфраструктурата е отежнато и посетувањето на бисерот на природата – планината Баба со врвот Пелистер и езерата „Пелистерски очи“.

Битола денес преживува од паричните дознаки од иселените битолчани од странство и од пензиите на повозрасните граѓани. Битолчаните масовно се иселуваат. „Егзодусот“ од Битола се гледа и по драстично намалениот број на ученици во основните и средните училишта, поради намалениот наталитет пред сé поради крајно влошената економска ситуација, и поради иселувањето. И туристите како да го заобиколуваат градот.

Иако Битола и околината се познати печалбарски средини во последните два века, и иако десетици илјади битолчани по потекло, живеат во САД, Австралија и Канада, процесот на иселување од градот во последната деценија доведе без малку, до преполовување на бројот на жителите.

Официјални статистички податоци за заминатите семејства – нема. Според соговорниците на Гласот на Америка на македонски јазик, и според случајните минувачи на некогаш живописната, централна градска улица, со име останато од минатото – Широк Сокак, речиси и да нема семејство од кое нема заминати во туѓина.

Според рок-музичарот Илија Балтовски, активист од НВО „За нас се работи“, покрај сиромаштијата, една од главните причини за напуштањето на Битола е и енормната загаденост, и „црната статистика“, според која Битола е меѓу првите градови во светот според аерозагаденоста.

„Лицата на млади луѓе, на оние од мојата генерација, кои секојдневно ги гледаме на помените, во центарот на градот, ни зборуваат за последиците од загадувањето. Луѓе умираат – никој ништо не презема!“, вели екологистот Балтовски. „Затоа и бегаат битолчани, за да си ги спасат децата, од загадување, од беда, од безнадежност“

Опустувањето на Битола веднаш се забележува и по десетиците дуќани на Широк Сокак, кои се продаваат или издаваат, или по тажната, умртвена чаршија.

„Бизнисите се затвораат, луѓето бегаат не свртувајќи се, во прекуокеанските земји, каде имаат роднини или пријатели, или во Западна Европа, со бугарски пасоши“, ни велат анкетираните минувачи.

XS
SM
MD
LG