Линкови за пристапност

САД се очекува да изнесат нови идеи за борбата против Исламската држава


За конференцијата во Стејт департментот се собраа претставници од 68 држави

Државниот секретар Рекс Тилерсон е домаќин на првата конференција од 2014-та година на министри за надворешни работи и виски претставници од 68 земји и меѓународни организации кои се дел од коалицијата предводена од САД за борба против Исламска Држава. Од Стејт департментот велат целта на конференцијата е да се забрзаат меѓународните напори да се порази ИСИС во областите на Ирак и Сирија, и да се зголеми притисокот врз нејзините филијали, партнери и мрежи.

Борбата против Исламска Држава, и како да се стабилизира регионот во Ирак и Сирија, ќе биде во фокусот на првата конференција на новиот државен секретар Тилерсон која ќе се одржи во Вашингтон. Коалицијата има направено значителен напредок, но има уште многу работа која треба да биде завршена, вели портпаролот Марк Тонер.

„Пред се`, постои можност во новата администрација да се направи проценка до каде сме и каде сакаме да се движиме напред. Не би сакал многу да зборувам, секретарот мислам дека има нови идеи и пристап како и ново гледиште околу тоа како да се победи ИСИС,“ вели Марк Тонер, портпарол на Стејт департментот.

На оваа конференција Тилерсон ќе има можност да се сретне лице во лице со сојузниците на САД, вели Мајк О’Ханлон.

„Ако има нови и свежи идеи, тоа ќе биде уште подобро, но не е неопходно, за првата ваква средба, бидејќи луѓето прво треба да се запознаат меѓу себе, но и да го запознаат Рекс Тилерсон, Доналд Трамп, кои се познати на пошироката надворешна политика и национална безбедност, но не и на лично ниво,“ вели Мајкл О’Ханлон.

Тој додава дека ќе има многу проблематични прашања за коалиционите партнери.

„Во Турција пристигнаа милиони бегалци, а не е на повидок крај на војната во Сирија. Европјаните се` уште се нервозни за борците на ИСИС што се враќаат дома, посебно за тие што доаѓаат од нивните држави. Никој не е среќен, и не би требало да биде среќен, а со самото тоа ние се наоѓаме на половина пат, заради што е важна оваа конференција,“ додава Мајкл О’Ханлон.

Претседателот Трамп го критикуваше тогашниот претседател Барак Обама, за како што вели, недоволно агресиваната акција спрема милитантите на ИД, така што аналитичарите сега чекаат да видат дали ќе има нов курс од страна на новата администрација.

XS
SM
MD
LG