Линкови за пристапност

Хан во Македонија пред тешка задача


Вжештена атмосфера и реторика ќе ги пречека еврокомесарот Хан и тројцата европратеници на утрешната посета на Скопје.

Политичката криза во која се наоѓа Македонија се продлабочува од ден во ден, а решение засега нема на повидок. Иванов останува на својот став да не го даде мандатот на лидерот на опозицијата се` додека не ја отфрли Платформата на албанските партии; СДСМ и ДУИ бараат мандатот веднаш да биде доделен, а од ВМРО-ДПМНЕ бараат нови брзи предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ вчера во телевизиско интервју изјави дека целта на Заев е да го смени името и идентитетот на државата за да се сокрие и да не одговара за криминалот за кој во моментов го гони Обвинителството со кое раководи обвинителот Марко Зврлевски. Тој побара народот да ја „одбрани својата држава“ која ја нарече „непланирано вонбрачно дете за меѓународната заедница“.

„Ова е план кој може само народот да го спречи. Потребно е народот да ја одбрани својата држава, затоа што може да ја нема. ...Сценариото кое Заев го спроведува во Македонија има за цел уривање на унитарноста на државата. Лидерот на СДСМ е подготвен да се пазари со националните и државни интереси...“, рече Груевски.

Тој исто така најави и дека неговата партија подготвува „документ за излез од сегашната криза што никого не би фаворизирал и со негова прифаќање, покрај крај на кризата би се задржала и унитарноста на државата“.

Сличен став има и претседателот Иванов кој во моментов е во официјална посета на Унгарија. Тој јавно и` се заблагодари на официјална Будимпешта која покрена иницијатива со барање до Советот на ЕУ да се отфрли и осуди т.н. „Тиранска платформа“. Иванов потврди дека мандатот засега нема да го даде на опозицијата и сугерираше дека „предвремени парламанетарни избори се можно решение и излез од кризата“.

Опозициската СДСМ веднаш реагираше на интервјуто на Груевски нарекувајќи го „генератор“ на кризата.

„Никола Груевски ја создаде оваа криза. ... Дефакторизираниот Груевски очајно се обидува повторно да стане фактор во политиката во Македонија. ... од него не можеме да очекуваме ништо што може да и донесе добро на оваа држава “, изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

Денеска со соопштение до јавноста се обрати и синдикатот на расформираната полициска единица „Лавови“ кој го сочинуваат петмина поранешни припадници и команданти во единицата. Тие побараа да се отфрли платформата на албанските партии, а македонските партии да седнат и да се „договорат околу црвените линии“.

„Не станува збор за повторно активирање на единицата, туку овае став на поранешните припадниците. Доколку нашите барања не се исполнат, ние повторно ќе се состанеме и ќе одлучиме што понатаму“, рече Драган Ивановски.

Според најавите во текот на утрешната посета на СкопјеЈоханес Хан и европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн ќе се сретнат со политичките партии кои освоија мандати во Собранието, со Трајко Вељаноски и со претседателот Ѓорге Иванов.

Партиите имаат различни очекувања.

СДСМ смета на дополнителен притисок од меѓународната заедница:

„Очекуваме дека ќе ги пренесе пораките кои веќе се дадени од страна на Европската Комисија, од страна на Советот на министри на ЕУ, од страна на еврокомесарот Могерини, а тоа е дека во Македонија мора да се врати уставниот поредок. Очекуваме дека тоа е пораката која ќе биде пратена и до Иванов и до Груевски. Очекуваме дека ќе има силна осуда на говорите и повиците на политичко насилство кои ги промовираше Никола Груевски“, изјави Шилегов.

ВМРО бара Хан да ја осуди платформата на албанските партии:

„Ние очекуваме Хан да ја осуди „Тиранската платформа“. ЕУ во 2008-та година ни наметна да коалицираат победниците од македонскиот и албанскиот блок и тоа треба да остане и во иднина“, рече Груевски.

Портпаролката Маја Коцијанчиќ најави дека Хан во Скопје нема да се сретне со граѓански организации, а тоа се однесува на организаторите на протестите под мотото „За заедничка Македонија“ кои во неколку наврати побараа средба со еврокомесарот.

XS
SM
MD
LG