Линкови за пристапност

Децата знаат - сите сме еднакви и различностите мора да се почитуваат


Работилници, средби, дружења, дебати, игри и спорт беа клучниот дел од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието вреден над шест милиони долари со кој беа опфатени над 60 илјади ученици од целата држава

„Најмногу се радувам заради моето ново другарче“ вели третоодделенката Ана од ресенското училиште „Мите Богоевски“ не испуштајќи ја раката на една година постарата Арта од тетвоската „Лирија“’. Двете дечиња ги сретнавме на коференцијата со која заврши петгодишниот проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието во Македонија. Салата во хотелот „Александар Палас“ беше претесна за стотиците ученици, наставници, професори и гости на завршниот настан полн со позитивна енергија и насмевки.

„Научив многу. Искуството е непроценливо и среќна сум поради тоа. Ќе им помагам на моите колеги да научат што е можно повеќе. Меѓуетничката интергација е неопходна уште од најмала возраст“, вели наставничката Јулијана Талоска од охриското основно училиште „Климент Охридски“.

Работилници, средби, дружења, дебати, игри и спорт беа клучниот дел од петгодишниот проект на УСАИД со кој беа опфатени над 60 илјади ученици од целата држава.

„Уживав во дружењето со моите врсници од различни националности. Знаеме дека можеме ако сакаме. Тоа е најбитно. Се надевам дека сите ќе размислуваат како нас“ рече петоодделенецот Лука Филиповски од Скопје.

Меѓу присутните беше и американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, кој не го криеше задоволството од успешниот проект. Тој смета дека децата, нивните родители, наставниците и сите вклучени во програмата научиле како да работат заедно, да се разбираат и почитуваат меѓусебно.

„Ова е фантастичен настан. Можете да видите колку значаен проект за Македонија е ова. Погледнете ги само присутните. Ова е добар знак за иднината на државата и горди сме што ја спонзориравме оваа програма во која учениците, наставниците и професорите работеа на подобрување на меѓуетничката интеграција. Комплетната посветеност и партнерство на сите вклучени овозможија овој проект да успее и убеден сум дека ќе продолжи да функционира во иднина во оваа прекрасна земја“, изјави амбасадорот Бејли.

Бројките зад овој проект се импозантни. Европската команда на САД која донираше околу 1,5 милиони долари во соработка со општините и Владата учествуваше во реновирањето на 63 училишта во кои учат над 46 илјади ученици и работат над пет илјади наставници и професори. Нови училници, спортски терени, инсталации, прозорци, врати, покриви... се само мал дел од зафатите кои беа извршени во овие училишта. Над 20 илјади наставници успешно ја минаа обуката за меѓуетничка интеграција, склучени беа 395 партнерства меѓу училиштата, 1.400 ученици учествуваа во креативни програми, а 3.200 ученици во дебати. Јавните настани кои беа организирани во рамките на овој прокет ги посетија над 10 илјади гости, а во медиумите имаше околу 2.500 прилози и написи.

„Веќе долга низа години, УСАИД тесно соработува со Владата, општинските лидери и другите партнери на полето на подобрување на пристапот до квалитетно образование за сите ученици во Македонија. Постигнавме голем напредок. Како дел од овие заеднички напори пред пет години го започнавме проектот за меѓуетничка интеграција во образованието за да ги надминеме бариерите и да изградиме мостови со кои ќе се надминат етничките поделби во сите училишта во Македонија. Горди сме што сите основни и средни училишта во Македонија учествуваа во оваа иницијатива“, рече Џемс Стајн, директор на УСАИД во Македонија.

Министерот за образование Пиштар Љуфтиу истакна дека овој проект тангира многу важна сфера во општеството и ја потенцираше поддршката на УСАИД.

„Сигурен сум дека сите ние, овде присутни, веруваме во моќта на образованието и во каков дух ги воспитуваме младите генерации. Веруваме дека наставниците и родителите може значително да придонесат за подобра животна перспектива и затоа во реформите на образованието нивната улога е клучна “, рече тој.

Едно од клучните достигнувања на проектот е фактот што сега сите основни и средни училишта се вклучени во процесот на интеграција. Голем дел од општините формираа совети за училишна интеграција и етничка кохезија а советите на родители и локалните заедници ги поддржаа и ќе продолжат да ги поддржуваат активностите за интеграција.

Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО) кој го спроведе Македонскиот центар за граѓанско образование, беше петгодишна иницијатива вредна 6,2 милиони долари како поддршка на напорите на Владата на Македонија за зајакнување на етничката кохезија и интеграција. Со оваа програма се зголеми свеста и се обезбедија обуки за разновидност, техничка помош и стимул за училишните одбори, директорите, наставниците и претставниците на администрацијата.

XS
SM
MD
LG