Линкови за пристапност

Вечери на остварување на родова еднаквост


Во организација на Центарот за истражување и креирање на политики (ЦИКП) од утре до 9 март, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одржат „Вечери на женски права“, настан што традиционално се одржува од 2010, како алтернативно одбележување на Меѓународниот ден на жената, 8 Март.

Покрај ЦИКП во реализацијата на „Вечерите“ се вклучени и Град Скопје, UN Women, Институт за родови студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА и организацијата „Една може!“.

Серијата настани и иницијативи е дел од напорите за остварување на глобалната агенда 2030 и одржливите развојни цели, кои се одвиваат под глобалното мото „Планета 50:50 до 2030 – истапи за родовата еднаквост“

Тема на годинешната серија настани е улогата на жената во услови на криза и економските права на жените, а ќе биде третирани низ ликовни изложби, проекции на филмови, тематски дискусии, креативни работилници...

Еминентни жени со успешни кариери во бизнисот, ќе бидат учеснички на предавањето поддржано од шпанската амбасада во Скопје на тема „Бизнис-кафе - женски стратегии при справување со криза“, а преку јавни настани и перформанси реализирани од повеќе невладини организации и активисти за женски права, на 8 Март, Македонија ќе се приклучи и на глобалната кампања „Економското јакнење на жените во менливиот свет на работата“,

Низ богатата програма организаторите сакаат преку уметност, филм и музика да ги поттикнат мажите, но и самите жени да размислуваат критички за родовата (не)еднаквост и да одадат почит на досегашните достигнувања на жените.

На Вечерите ќе биде организирана меѓународна изложба на слики „Нераскажаните приказни на суперхероини“, на која ќе учествуваат десет уметнички од Македонија, Србија, Црна Гора и Косово, како и базар на ракотворби и уметнички дела, а ќе бидат одржани и проекции на четири документарни филмови за улогата на жената во време на криза, како и тематски дискусии со дел од режисерите, но и со активисти и експерти, за поттикнување на критичкото размислување.

Вечерите на женски права официјално ќе бидат отворени в понеделник на 6 март со проекција на документарниот филм „Сибирска љубов“ во режија на Олга Делане од Русија, која е една од гостинките на манифестацијата, но заинтересираните веќе се пријавуваат за учество на работилниците за интегрална јога, за фотографија, стрип и раскажување, за трансакциска анализа и за надминување на стравот од породување.

XS
SM
MD
LG