Линкови за пристапност

Штрајкот на новинарите продолжува


Менаџментот одбива да се сретне со нив или со синдикатите

Новинарите од најголемата медиумска издавачка куќа во Македонија, МПМ, петти ден штрајкуваат поради неисплатени плати и хонорари а денеска тие симболично го делеа петилјадитиот број на весникот „Вест“. Менаџментот на куќата и понатаму одбива секаков разговор со претставниците на новинарите, со новинарскиот синдикат, но и со јавноста.

„Штрајкот, како што најавивме, трае шест часа, од 9 до 15 часот. Потоа работиме но не ги потпишуваме авторските текстови. Сепак целата ситуација фрустрира. Излегуваш на улица, штрајкуваш, па се враќаш во редакција и работиш. Битно е дека моралот кај колегите е на високо ниво бидејќи се ослободени од притисокот кој до пред извесно време го чувствуваа“, вели Љубиша Станковиќ, новинар во „Утрински Весник“ и претставник на синдикатот во МПМ.

Шестчасовниот штрајк ќе продолжи се` додека не се исполнат барањата на новинарите кои и покрај тешката состојба професионално ќе ги исполнуваат своите задачи, а „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“ непречено ќе излегуваат.

Проблемот со менаџментот на куќата се продлабочи откако двајца партнери излегоа од МПМ, и сега сопственик на МПМ е порталот „Телеграф“ кој всушнот е нејзин проект.

„Интензивно бараме средба и разговори, но од другата страна нема ништо. Сега веќе не знаеме ни со кого треба да разговараме, откако двајца партнери го продадоа својот удел во МПМ. Дали со Керим, Камчев или Станисављева? Нашите договори се со МПМ чиј сопственик сега е „Телеграф“. Никој од нас нема потпишано никаков договор со нив“, додава Станковиќ.

Денеска поддршка на штрајкот на новинарите им дадоа четири синдикати, оние неодамнешните превирања во Сојузот на синдикатите на Македонија беа исклучени од организацијата.

„Неисплатените плати се резултат на лошото менаџирање на компаниите кои се заинтересирани само за нивниот профит, а платите и другите права од работен однос за нив се во втор план. Игнорантскиот однос на менаџментот во изданијата на Медија принт Македонија уште повеќе го поттикнува револтот кај штрајкувачите кои не можат да го остварат заработеното“ се вели во соопштението на УПОЗ, СИЕР, СУТКОЗ и АГРО Синдикатот.

Синдикатот на новинарите ја информираше јавноста дека тие се подготвени за конструктивна комуникација со менаџментот.

„ССНМ и штрајкувачките одбори уште еднаш потенцираат дека станува збор за легитимна акција која не е со цел да го наруши угледот на весниците, ниту на МПМ. Токму спротивното. Во заеднички интерес на сите е опстанокот и успешно работење на брендовите во чие што градење многумина кои денес штрајкуваат се вклучени со сиот свој професионален и човечки капацитет“, изјави Тамара Чаусидис од Синдикатот на новинарите.

На штрајкот му претходеа неколкумесечни неуспешни преговори меѓу синдикатот и менаџментот, намалувања на плати, отпуштања и персонални рокади - смени на уреднички тимови и промена на уредувачката политика во трите весници „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“. Долгогодишни истакнати новинари и уредници од трите весници беа отпуштени од работа или пак не им беа продолжени договорите, а на нивни места беа донесени нови лица. Тиражот на трите весници има вртоглав пад по смена на уредничките тимови и политики.

„Уште во сетпември 2015 година ни ги намалија платите. Како синдикат се согласивме на тоа за да не се отпуштаат вработени. Но и покрај намалувањето на платите избркаа новинари. Бркањата од работа продолжија и во март минатата година. Сега во јануари ни ја исплатија ноемвриската плата. Хонорарите не се ни исплатени, а дописниците не се исплатени уште од минатата лето“, објаснува Станковиќ.

Последната средба меѓу менаџментот и новинарите во МПМ беше кон крајот на октомври минатата година. Додека едниот сопственик ветувал дека ќе се стабилизира состојбата другиот најавил нови отпуштања. Оттогаш тие избегнуваат секаква средба со претставниците на новинарите.

XS
SM
MD
LG