Линкови за пристапност

Новинарите од „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“ штрајкуваат за плати


Во исто време Специјалното обвинителство потврди дека води предистражна постапка во МПМ, но не прецизираше за што се работи

Новинарите и медиумските работници во најголемата медиумска издавачка куќа Медиа принт Македонија (МПМ) денеска, на Денот на новинарите, го започнаа својот штрајк изразувајќи го незадоволството поради неисплатените плати од страна на менаџерскиот тим. Истовремено во МПМ влезе и тим на истражители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кои, според извори во СЈО, неофицијално го испитувале финансикото работење на куќата.

Штрајкот на новинарите и медиумските работници во МПМ доаѓа по неколкумесечни неуспешни преговори меѓу синдикатот и менаџментот, а му претходеа намалувања на плати, отпуштања и персонални рокади - смени на уреднички тимови и промена на уредувачката политикаво трите весници „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“.

Долгогодишни истакнати новинари и уредници од трите весници беа отпуштени од работа или пак не им беа продолжени договорите, а на нивни места беа донесени нови лица, а менаџментот посочувал на финансиска криза во компанијата. Тиражот на трите весници има вртоглав пад по смена на уредничките тимови и политики.

Денеска педесетина новинари го почнаа протестот точно напладне пред просториите на МПМ.

„Штрајкот беше неопходен и изнуден бидејќи ние со месеци наназад не можеме да оствариме контакт и соработка со нашите претпоставени. Револтот кај вработените, од кои половината се тука зашто другите штрајкуваат во просториите на редакциите, е таков што моравме да излеземе и да го подигнеме нашиот глас. Немаме желба целата ситуација да трае до бесконечност. Сакаме да преговараме и да ги решаваме проблемите. Кога ќе се случи тоа, не зависи од нас, туку од менаџментот и сопствениците. Сега дознаваме дека во компанијата влегле истражители од СЈО, меѓутоа тоа нема врска со нас, туку едноставно се поклопиле работите. Тие си ја вршат својата работа, рече претставникот на синдикатот на новинари од Утрински, Љубиша Станковиќ.

Станковиќ појасни дека весниците ќе продолжат да излегуваат и новинарите ќе постапуваат максимално професионално. Денеска и во понеделник штрајкот ќе трае по четири часа, за потоа да се зголеми на шест часа. Тој инсистираше дека новинарите од трите весници на МПМ како и вработените во другите организациски единици на компанијата целосно го поддржуваат штрајкот.

Организатор на штрајкот е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) од каде велат дека раководството одбило да разговара со нив.

„Одлуката за штрајк е донесена пред две недели, а денеска почнува. Причината е доцнењето на платите повеќе од една година како и револтот кај новинарите поради тоа што раководството одбива да разговара на таа тема за да се реши овој проблем“, вели Владо Апостолов од ССНМ.

Од ССНМ додаваат дека ќе ја следат состојбата и доколку има информации за нови вработувања во медиумите на МПМ, со што би се зголемил притисокот врз новинарите кои штрајкуваат, соодветно ќе реагираат на тоа.

Инаку, непосредено пред почетокот на штрајкот во МПМимаше промени во сопствеништвото на куќата. Со компанијата раководеше тројката Орце Камчев, Јана Станисављева и Срѓан Керим. „Орка Холдинг“ на Камчев и „Интернет Инвестмент Груп“ на Станисављева завчера по миниимална цена го продале сопственичкиот удел на фирмата, на Керим.

Има информации дека промената настанала на 12 декември. Од Централниот регистер велат дека сопственици на МПМ се „Мирекс Плус“ и „Телеграф“, двата во сопственост на Срѓан Керим.

Утрово, пак, истражители од СЈО влегоа во издавачката куќа, иако се` уште не се знае причината, бидејќи оттаму велат дека станува збор за предистражна постапка и затоа не смеат да откриваат детали.

XS
SM
MD
LG