Линкови за пристапност

Македонија – држава на паралелни обвинителства


И државното и специјалното обвинителство се фокусирани на финансиското работење на политичка партија – но не на иста

Основното јавно обвинителство (ОЈО) со кое раководи државниот обвинител Марко Зврлевски отворило истрага против СДСМ во која се испитува финансирањето на партијата на изборната кампања за декемвриските избори. Истрагата била отворена по добиена кривична пријава од „надлежна институција“ која од обвинителството не ја откриваат:

„Можам да ви потврдам дека истрага се води против СДСМ, но не можам да откријам која институција ја достави пријавата кај нас по која беше отворена истрагата, ни изјави Елизабета Недановска, портпарол на ОЈО.

Сега и официјално двете обвинителства во Македонија водат одделни истраги за финансиското работење на двете најголеми политички партии и опоненти од македонскиот блок.

Од Обвинителството информираат дека постапката ја отвориле пред крајот на минатата година, а во неа осомничени се едно физичко и едно правно лице. Физичкото лице било организатор на изборна кампања, а правното се гони заради сторено кривично дело злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања. Делата за кои е отворена постапката се во врска со употреба на недозволиви средства за изборна кампања и давање на лажни податоци во финансиските извештаи, стои во соопштението на ОЈО.

Во рамки на истрагата побарана биламатеријална документација и биле сослушани повеќе од 70 лица во својство на сведоци.

Од СДСМ ова го нарекуваат хајка од страна на институциите под контрола на ВМРО-ДПМНЕ и дека во нивното работење нема ништо незаконско.

„Институциите во државата во континуитет вршат контрола на работењето и финансирањето на СДСМ. СДСМ ниту нешто крие ниту криел. Затоа не е најдено ништо спорно или незаконско“, изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

Додека Обвинителството го тресе СДСМ, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) врши проверка на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ и изборната кампања во 2014-та година. Според првичните информации, наводно стотици граѓани од Скопје, Охрид и уште неколку градови во Македонија, во ист ден во 2014-тауплатиле неколку стотици илјади евра на име на донации.

Минатата недела тим на СЈО беше во Охрид каде на распит во својство на сведоци повика околу 200 членови, симпатизери и функционери од партијата. Тоа беше причина за протест пред полициската станица во Охрид каде се одвиваше распитот. СЈО се пожали на притисок и на повреда на тајноста на предистражната постапка, бидејќи повиканите сведоци биле мнозинство меѓу насобраните пред охридската полиција.

Од ВМРО-ДПМНЕ истрагата и распитот беа окарактеризирани како притисок на СЈО вршен по налог на СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев.

XS
SM
MD
LG