Линкови за пристапност

Американските „фоки“ ги обучуваат македонските специјалци


До крајот на годинава, инструкторите од американската елитна единица уште три пати ќе дојдат во Македонија и ќе продолжат со обука на нашите специјални сили

Десетина ликвидирани терористи инфилтрирани во урбана средина и успешно ослободени заложници за помалку од две минути. Ова е резултатот од завршната показна вежба на македонските армиски и полициски специјални сили кои минатите две недели беа обучувани од инструктори на американската елитна единица „фоки“.

На вежбата, во касарната во Ѓорче Петров, присуствуваше амбасадорот на САД, Џес Бејли и министрите за внатрешни и одбрана Агим Нухиу и Зоран Јолевски.

Амбасадорот Бејли истакна дека денешната вежба претставува партнерство во акција и, како што рече, преку вакви вежби можеме заедно да ја зголемиме безбедноста и сигурноста на граѓаните. Тој додаде дека до крајот на годината американските „фоки“ уште три пати ќе престојуваат во Македонија, под покровителство на амбасадата, и ќе продолжат со обука на македонските специјални сили.

- Ова е исто така дел од заедничките напори на Македонија и САД во борбата против тероризмот што претставува и домашна и странска закана. Преку заедничката обука на полицијата и војската се зголемуваат нивните способности. Ова е еден пример за блиската долгогодишна соработка што ја имаме со полицијата и војската на Република Македонија и знак на нашата посветеност за продолжување на тоа партнерство, нагласи Бејли.

Тој ја истакна важноста за состанокот на НАТО кој треба да се одржи оваа недела во Брисел, а на кој министрите за одбрана ќе дискутираат за партнерствата и како подобро да соработуваат во борбата против тероризмот.

Оваа вежба, информираше министерот Јолевски, е прва од планираните 27 кои треба да се реализираат со парнерите од САД, и појасни дека тие ќе се реализираат и во други сегменти, а не само со единиците за специјални операции.

- Воспоставена е добра соработка со Командата за специјалните операции на НАТО, а исто така и со Командата на САД во Европа. Минатата година имавме учество на нашиот полк за специјални операции (пСО) на вежба во Германија, но учествувавме и на најголемата воена вежба „Анаконда“, истакна Јолевски.

Министерот за внатрешни работи Нухиу истакна дека професионалната поддршка и успешната обука претставуваат клучни моменти за законските обврски на полицијата.

- Министерството за внатрешни работи има капацитет да ги остварува сите предметни надлежности во однос на јавната и државната безбедност, а токму овие обуки претставуваат клучни елементи тие активности да бидат во синергична линија со суштинските стандарди, рече Нухиу.

XS
SM
MD
LG