Линкови за пристапност

Поларно утро во Македонија


Македонија утрово се разбуди со поларни температури длабоко под нулата. Речиси сите градови се оковани во мраз и покриени со по неколку сантиметри снег. Утрово најстуден град во државата беше Битола каде беа измерени годинава рекордни - 22 степени а тука беше и Скопје каде температурата падна до -19. Тетовчани се разбудија на - 20 степени а прилепчани на - 17 степени целзиусови. Во Берово утрово беа измерени -16 степени, за разлика од претходните денови кога таму температурата падна и до 23 степени под нулата. Екстремно ладно беше во Маверово каде утрово беа измерени - 20 степени а во Штип, Куманово и Крива Паланка мерните станици регистрираа - 14 степени целзиусови.

Ниските температури засега однесоа два живота. Станува збор за бездомници во Скопје и Струмица кои починаа од студот. Во Скопје работи преноќувалиштето во Момин Поток кое е преполно а вчера беше отворено уште едно привремено во просториите на Паркинг службата на Општина Центар за да им се пружи помош и заштита на што е можно повеќе луѓе. Граѓани самоиницијативо им помагаат на бездомниците со храна и топла облека а неколкумина им ги отворија вратите од своите домови. Неколку кафулиња во Скопје тргнаа десетина кучиња и мачки од улиците и ги спасија од сигурна смрт.

Врнежите на снег и ниските температури речиси предизвикаа колапс на сообраќајот на патиштата низ државата кои јавното претпријатие „Македонија пат“ не успеа да ги исчисти иако со денови се најавуваа врнежите и ниските температури.

Според Управата за хидрометеролошки работи (УХМР) ниските температури ќе се задржат и утре а од петок се очекува затоплување но и нови врнежи на снег кои ќе донесат дполнителни проблеми во и онака отежнатиот сообраќај.

XS
SM
MD
LG