Линкови за пристапност

Теарце не го смени исходот, ВМРО ДПМНЕ останува со 51 а СДСМ со 49 мандати


Прегласувањето на избирачкото место 2011 во Теарце не го смени првчниот резултат од предвремените девети парламентарни избори одржани на 11 декември. Коалицијата предвоена од СДСМ победи во прегласувањето но не успеа да собере доволен број на гласови за да може да освои уште едно пратеничко место на сметка на ВМРО-ДПМНЕ.

Според првичните информации од ДИК, на денешното прегласување ВМРО-ДПМНЕ освои 149, а СДСМ 245 гласа. ДПА, ДУИ и Алијанса за Албанција освоија по еден глас, а ВМРО за Македонија 2 гласа.Денеска своето право на глас го искористија 402 граѓани за разлика од 404 кои гласаа на 11 декември.

ДИК донесе одлука да се повтори гласањето на ова избирачко место врз основа на симулацијата со која се покажа дека прегласувањето може да влијае на бројот на освоени мандати, и врз основа на одлуката на Управниот суд да ја прифати тужбата на Коалицијата предводена од СДСМ и да донесе решение за поништување на гласањето на ова избирачко место. Разликата меѓу ВМРО - ДПМНЕ и СДСМ во шестата изборна единица е 307 гласа а на избирачкото место 2011 во Теарце има 714 гласачи.

На 11 декември на гласање излегле 404 од кои 91 гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 87 за СДСМ, 65 за Беса, 64 за ДПА, 53 за ДУИ, 25 за Алијансата на Албанците и по еден за ВМРО за Македонија и за Коалицијата за промени и правда - Трет блок.

Во Изборната единица 6 според првичните резултати на ДИК, најмногу гласови 40.599 освои ДУИ, потоа следи ВМРО-ДПМНЕ со 26.135, СДСМ со 25.828, Беса со 25.054, Алијанса за Албанците 17.970, ДПА 16.225, ВМРО за Македонија 919 и Коалицијата за промени и правда - Трет блок 239.

Според добиените гласови, најмногу пратеници, односно 6 освои ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ 4, Беса 3, СДСМ 3, Алијанса за Албанците и ДПА 2.

Доколку СДСМ не вложи жалба на овој резултат ДИК, во среда ќе ги соопшти официјалните резултати од деветите предвремени парламентарни избори според кои ВМРО - ДПМНЕ е победник до 51 освоен мандат пред СДСМ кој ќе има 49 пратеници во идното Собрание.

Најдоцна до 31 декември треба да се конституира Собранието, а потоа претседателот Ѓорге Иванов да му го довери мандатот за премиер на Никола Груевски, кој ќе треба да формира мнозинство во Собранието за да состави нова влада.

XS
SM
MD
LG