Линкови за пристапност

Прегласувањето во Теарце не го одлучува идниот мандатар


Изборите само ја продлабочија политичката криза во државата и за нејзино решавање потребно е нормално и демократско функционирање на институциите, но и правна и судска разрешница на случаите поврзани со незаконското прислушување, сметаат експертите

Изборите кои во недела ќе се повторат на едно гласачко место во селото Теарце, ќе стават крај на гласачкиот процес на деветите предвремени парламентарни избори во Македонија.

Можностите дека неделното гласање ќе смени нешто во односот на освоените пратенички мандати се многу мали. Разликата меѓу ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ во шестата изборна единица е 300 гласа, а на избирачкото место уште дополнителни четири. Шансите дека СДСМ ќе освои 304 гласа повеќе од неговиот ривал во недела се речиси невозможни. Тоа може да се случи само ако сите запишани гласачи излезат да гласаат и речиси сите од албанскиот електорат гласаат за нив.

ВМРО-ДПМНЕ оставува на ставот дека се победници на изборите и дека мандатот за формирање влада им припаѓа на нив. Тие официјално не го признаваат прегласувањето.

Деновите по изборите беа обележани со остра реторика кон странските амбасадори и мисии од една од македонските партии. На ова веднаш реагираше американскиот Стејт департмент.​

„Ја осудуваме потпалувачката реторика од некои политички лидери, напаѓајќи ги демократските институции и амбасадорите акредитирани во Македонија. Ги повикуваме политичките лидери да престанат со нападите, да ги почитуваат демократските процеси и да дозволат формирање на кредибилна и стабилна влада, која ќе биде одговорна и ќе ги почитува владеењето на правото и фундаменталните слободи“,порача портпаролот на Стејт департмент Џон Кирби.

Сега се наметнува прашањето, што по изборите во недела?

Професорот Денко Малевски смета дека ВМРО ДПМНЕ нема да може да формира влада.

„Изборите покажаа нов сооднос на силите во Македонија. Коалицијата која беше досега на власт загуби 19 пратенички мандати. Сметам дека и по прегласувањето во недела, ВМРО-ДПМНЕ нема да може да формира влада и ќе мора да го врати мандатот. Владата ќе ја формира опозицијата која судејќи по резултатите нема да има проблем да направи коалиција“, вели Малевски.

За аналитичарот Петар Арсовски, сите опции се во оптек.

„Дали ќе биде коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, широка коалиција со сите партии, коалиција на СДСМ со ДУИ и останатите партии од албанскиот блок, па дури и коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ... Во моментов сите опции се во оптек. Се` може да се случи. Ние не знаеме дали, и што преговараат партиите меѓусебе", смета Арсовски.

Крајот на политичката криза во Македонија не е на повидок. Двајцата експерти го делат истиот став дека предвремените избори само ја продлабочија кризата во државата.

„За нејзино решавање потребно е институциите да работат демократски и да функционираат, а тоа е можно само ако има правна разврска и завршница на случаите поврзани со нелегалното прислушување “, додава Малевски.

XS
SM
MD
LG