Линкови за пристапност

„Изборите на 11 декември се крај на кризата. Заедно, сложно и обединето коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на се она што се случуваше и сака напредок. Народот е главниот столб на оваа држава кој ќе си ја одбрани државата и ќе го отплетка јазолот на оваа криза“ порача од бинаталидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, на денешниот централен митинг кој се одржа пред Собранието на РМ во Скопје.

Пред петнаесетина илјади граѓани, од Скопје но и од многу градови од државата беа промовирани сите кандидати за пратеници во седумте изборни единици а говореа и носителите на листите, Никола Попоски, Илија Димовски, Антонио Милошески, Влатко Ѓорчев и Никола Тодоров.

Тие побараа масовен одзив на гласачите за да ги добијат неопходните 63 пратеника за како што тие велат „спас на Македонија“ од федерализација и распарчување. Во своите говори најавија голем број на нови проекти во инфраструктурата, изградба на училишта, спортски сали, градинки и секако развој на економијата.

Во својот говор претседателот Груевски уште еднаш повтори дека станува збор за мрачно сценарио помогнато со милиони евра од луѓе во државата и во странство.

„ Тие што вложувале во ова, не и мислат добро на државата и на вас, и вие го знаете тоа. Тие кои ја водат кампањата со опозицијата се истите тие кои се одговорни за кризата во државата, што се одговорни за тоа зошто нашата држава тапка во место во евро и евроатлантските интеграции, и кои имаат лоши планови за нашата држава, тука е и опозицијата која е алатка во ова сценарио и чие работење ви е познато многу добро“ рече Груевски.

Тој потоа му се обрати на целиот електорат, младите, пензионарите, земјоделците, работниците од кои ја побара нивната поддршка за да се продолжи со напредокот и реформите кои ги почнала неговата партија.

„Вашата одлука има референдумско значење и оти од тоа каков став ќе се заземе сега ќе зависи каква иднина ќе имаат и во квква држава ќе живеат нашите деца и внуци, генерациите Македонци кои ќе дојдат после нас“, потенцираше Груевски.

Интересно е што во говорот тој директно им се обрати на неопределните од кои побара да ги погледнат понудите и програмите, но и целото сценарио и да гласаат слободни и по сопствено убедување.

„Станува збор за два различни концепти“, рече поранешниот премиер кој наброја десетина проекти кои би стартувале доколку неговата партија и коалицијата победи.

За Груевски, малите коалции се формирани наменски за да ја ослабнат неговата партија, раководени се од опозицијата и гласањето за нив е „гласање во празно“.

Тој порача дека по победата на декемвриските избори ќе се фокусира и на помирување меѓу Македонците и намалување на јазот меѓу членовите и симпатизерите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.

На митингот во Скопје присуствуваше и австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц кој и даде поддршка на ВМРО ДПМНЕ на претстојните избори и се заблагодараи за се онба што Македонија стори во екот на бегалската криза.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG