Линкови за пристапност

Секој трет граѓанин смета дека корупцијата е најголем проблем во Македонија


Секој трет жител на Македонија смета дека корупцијата е најголем проблем во државата и дека веднаш мора да се адресира, покажува последниот извештај на „Транспаренси интернешнл Македонија“. Корупцијата во македонското општество е проблем кој е присутен со години но она што навистина загрижува е фактот што се помалку луѓе се подготвени да се борат против корупцијата во државата и да ја пријават. Така, според анктетите на „Барометарот на глобалната корупција“ во Македонија само 65 отсто од испитаниците изјавиле дека веднаш би пријавиле случај на корупција а дури 40 отсто сметаат дека корупцијата не може да се искорени. Како за илустрација, пред две години 88 отсто од испитаниците беа подготвени да превземат нешто за да се спречи ширењето на корупцијата во сите пори на македонското општество.

Пасивноста на граѓаните во Македонија според анкетата се должи на стравот од евентуалните последициа многумина при истражувањето одговориле и дека корупцијата е тешка за докажување и затоа не веруваат дека ќе направат промена.

„ Бројот на граѓани кои се подготвени да направат нешто во борбата против корупцијата е намален, а зголемен е бројот на граѓани кои сметаат дека не може ништо да се направи од нивна страна во борбата против корупцијата. Зголемен е бројот на тие што сметаат дека е многу силно влијанието на политиката и дека во начинот на кој се водат политиките влијание имаат моќните, влијателните и богатите луѓе, а во тоа е вклучена и политичката корупција“ рече Слаѓана Тасева претседател на „Транспаренси интернешнл Македонија“ .

Како најкорумпирани сектори граѓаните ги посочиле јавното здравство и сообраќајната полиција, а голем степен на корупција е лоциран и кај претставниците во Законодавниот дом.

Во анкетата на глобалниот барометар, од граѓаните кои имале контакт со некоја од јавните институции, 12 отсто изјавиле дека платиле поткуп а најмногу вакви случаи имало во јавниот здравствен систем. На второ место е сообраќајната полиција, а потоа е образованието и институциите за издавање службени документи.Корупција, според анкетите, пријавиле 28 отсто од тие што претходно дале поткуп. Како главна причина за непријавување на случаите на давање мито, третина од граѓаните го посочиле стравот од тоа дека можат да се соочат со последици. На прашањето, пак, дали премиерот, претседателот на државата и вработените во нивните канцеларии се вклучени во корупција, 31 отсто рекле оти сметаат дека се вклучени.

Образложувајќи го Глобалниот барометар на Транспаренси Интернешнл за корупција, Тасева потенцираше дека политичката корупција во Македонија е постојано присутна, особено при финансирањето на партиите и затоа е потребен транспарентен систем за да се знае кој и како ги финансира кампањите односно објавување на изворите на донации.

– Политичката корупција е постојано присутна. Во формите во кои таа најчесто се јавува за време на избори, е во финансирањето на изборните кампањи, каде што постојано практика е финансирањето на кампањите да се спроведува преку поединци или компании кои после изборите сакаат да имаат влијание или учество во начинот на кој ќе се водат политиките. Помоќните овде предвремено инвестираат, изјави Тасева.

Македонија е на средина од државите од Европа и од Централна Азија, според личните искуства на граѓаните со случаи на корупција. Во годинешниот извештај најлошо се оценети Украина, Молдавија, Босна и Херцеговина и Шпанија.

„Транспаренси интернешнл“ даде четири клучни препораки до владите во Европа и во Централна Азија за намалување на политичката корупција и за помагање на луѓето да пријавуваат корупција без страв од одмазда.

„Потребни се транспаретни услови за лобирање и јавен регистар на лобисти, со што ќе се олесни надзорот над политичките одлуки. Потребно е да се обезбеди независност на судството, особено во земјите кандидати за членство во Европската Унија, преку намалување на влијанието на извршната власт врз судството и обвинителството и преку објективни и транспаретни системи за назначување, преместување или разрешување на судии и на обвинители. Покрај тоа, нужно е да се усвои и да спроведе опсежна легислатива за заштита на укажувачите и да се обезбеди соодветно проследување на она што укажувачите го откриваат“ се вели во Глобалниот барометар за корупција за 2016 година.

За потребите на „Глобалниот Барометар“ биле интервјуирани околу 60 илјади граѓани од државите на Европа и Централна Азија .

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG