Линкови за пристапност

Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ, Никола Груевски, ќе оди на директен дуел со неговиот опонент Зоран Заев на негов терен и затоа ќе ја предводи кандидатската листа за пратеници во четвртата изборна единица. Првпат во историјата на независна Македонија ќе има директен дуел меѓу лидерите на владејачката партија и опозицијата. Оваа одлука на партијата претставува изненадување бидејќи се очекуваше Груевски како и досега да ја предводи листата во првата изборна единица односно во Скопје. Сепак, оттаму се убедени дека победата на претстојните декемвриски избори е загарантирана и дека клучот е токму поразот кој ќе и биде нанесен на коалицијата на СДСМ и Заев на „нивен терен“.

„ Во суштина ова е едноставен избор и покрај сложените околности во кои се прави. Ова е избор за тебе и за Македонија. За твојата Македонија во која ти веруваш, за независна, самостојна и суверена Република Македонија. Одиме на голема победа. Одиме на 63 пратеници. Спремете ги чевлите, подгответе ги јакните, наоружајте се со аргументи кои никој не може да ги собори, аргументите се на наша страна. Тргнуваме на овој наш последен дел од патот до Големата победа. Ова се важни избори, важни за нашата земја, важни за секој граѓанин на оваа земја“, рече Груевски на партиската Конвенција на која беа презентирани кандидатските листи.

На парламентарните избори во 2014 година, во четвртата изборна единица која го опфаќа југозападниот дел на државата, односно градовите Битола, Прилеп, Кавадарци, Неготино и Струмица коалицијата на предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи со 40 илјади гласови предност и освои 12 пратенички мандати за разлика од СДСМ кој од оваа изборна единица излезе со 8. Во оваа изборна единица ќе бидат и лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, и поранешниот шеф на тајната полиција Слободан Богоевски.

Инаку, носителите на кандидатските листи се луѓе од самиот врв на партијата и најблиски соработници на лидерот Никола Груевски.

Во првата изборна единица кандидатската листа ја предводи министерот за надворешни работи Никола Попоски, во двојката е министерот за здравство Никола Тодоров, во третата изборна единица листата ја предводи Илија Димовски, петата изборна единица повторно ќе ја предводи Антонио Милошоски, а во шестата носител е Влатко Ѓорчев.

„ Две години. Две години на криза, деструкција, уништување. Години на вандализам, на сеење на страв, години на лаги и конструкции. Помина долг период на манипулации, местенки, шпионски конструкции и удбашки методи, истакна на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата "За подобра Македонија“, рече Никола Тодоров.

Носителите на листите во своите говори на Конвенцијата побараа целосна поддршка од членството и симпатизерите за да се освојат 63 пратенички мандати, се повикаа на „народот“ и побараа Заев и СДСМ да бидат казнети за нивната штетна политика и „црна кампања“.

Очекувано на кандидатските листи не се најдоа Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Зоран Ставревски и Миле Јанакиески, кои се најдоа на удар во т.н. „бомби“ на опозицијата и се под истрага на СЈО, како и и Диме Спасов од кандидатурата, а мало изненадување претставува отсуството на вицепремиерот Владимир Пешевски и поранешниот министер Спиро Ристовски.

Интересно е што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ го кандидираа Јохан Тарчуловски, кој е на осмото место во втората изборна единица, односно Куманово и дел од Скопје и има големи шанси да влезе во македонското Собрание.

Листите кои ВМРО-ДПМНЕ во петокот вечер ги достави во Државната изборна комисија (ДИК) викендов беа прифатени и верифицирани.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG