Линкови за пристапност

Победата на Трамп изненади многумина во Македонија


„ За него навивав, но очекував Клинтон да победи“, „ Се знаеше уште пред да почнат изборите“, „ Ни јас не им верував на анкетите“, „ Со многу пари се е возможно“.. Ова се само дел од коментарите на присутните во големата сала во хотелот Александар Палас каде Амбасадата на САД овозможи да се проследат во живо последните моменти од пребројувањето на гласовите на Претседателските избори во САД.

На настанот беа присутни голем број на политичари, министри, дипломати, бизнисмени, јавни личности и новинари кои во релаксирана атмосфера но со големо внимание следеа што се случува преку големиот видео бим на кој одеше програмата на „CNN“.

Обраќањето на шефот на изборниот штаб на кандидатот демократите Хилари Клинтон, Џон Подеста, кој побара да се причека до крај бидејќи неколку држави сеуште “виселе во воздух“ беше проследено со насмевки. Веќе беше јасно дека разликата е недостижна.

Некаде околу 8 часот, кога се знаеше дека победата на кандидатот на републиканците Доналд Трамп е сигурна кај многумина од присутните можеше да се забележи изненадување од резултатите. Сепак тоа не важеше за амбасадорот Џес Бејли и персоналот на амбасадата кои останаа професионални и не покажаа никакви емоции до самиот крај.

Ambassador Jess Bailey in Skopje US elections 1

Ambassador Jess Bailey in Skopje US elections 1

„САД ѝ се партнери на Република Македонија веќе 25 години во кои имаше четири различни американски администрации. Ние сме посветени за успехот на Република Македонија“, потенцираше амбасадорот Бејли.

Тој се обрати пред присутните и во својот говор рече дека изборите покажаа оти секој глас се брои, нагласи дека политиката и поддршката на САД кон Македонија ќе остане иста но и дека промените нема да се случат веднаш.

„ Во својата 31-годишна кариера, имам служено 15 години за републиканците, и 16 години за демократите. Секои четири години САД слават нешто специјално, право што е во самата основа на нашата држава, право за кое луѓето се бореле. Оваа кампања секако предизвика доста врева, но најважно од сето тоа е дека американските граѓани излегоа да го остварат своето право на глас и нивниот глас ќе биде слушнат.Изборот на претседател е сериозна работа и наспроти сета бучава што оваа кампања ја предизвика, таа се занимава и со проблемите на вистинските луѓе, економијата, трговијата, тероризмот, образованието и ангажманот на САД во светот. И сега кога кампањата е завршена, ние од Амбасадата и администрацијата ќе се вратиме на својата работа на градење добри врски помеѓу Македонија и САД, рече Бејли.

Македонските политичари главно се воздржаа од коментари околу победата на Трамп. Меѓутоа тие се едногласни кога станува збор за соработката меѓу двете држави. Тие ја искористија можноста да направат паралела со претстојните избори кои ќе се одржат на 11 декември.

За потпретседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска, изборите во САД покажале дека медиумската поддршка за еден од кандитатите очигледно не била пресудна.

“Не можам да кажам дека не жалам што не победи жена. Изборите во САД покажаа дека дури и големата медиумска поддршка не е доволна кога граѓаните бараат промени. Сите укажуваа победа на Клинтон, но се случи спротивното. Тоа е одраз на демократската волја на граѓаните, како што ќе биде на 11 декември во Македонија“ изјави Шеќеринска.

За Влатко Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ, нема сомнеж дека соработката меѓу САД и Македонија ќе продолжи и по изборите на 11 декември и искорити да нагласи дека е убеден во победата на неговата партија.

„Интересно е да се набљудуваат американските избори. Заклучокот е дека Македонија и САД се партнери, имаме комуникација, сојузници сме, така што по завршувањето на изборите во Америка, како и по завршувањето на изборите во Македонија на 11 декември ќе пристапиме на она што се вика одржување и продлабочување на соработката во САД“ изјави тој по победата на Доналд Трамп.

Хилари Клинтон била изборот на Артан Груби од ДУИ.

„ Јас само ќе повторам една интересна изјава на еден наш политичар. Народот е во право дури и кога греши“ рече тој.

XS
SM
MD
LG