Линкови за пристапност

Повторно одложен стартот на судскиот процес за случајот “Пуч“


Скопје - Судскиот процес за случајот “Пуч“ најверојатно ќе добие прво политичка, а потоа и правна разврска откако и денеска, по единаесетти пат беше одложен стартот на судскиот процес, овој пат на неопределено време. Многумина веруваат дека потегот е со цел да се чека на исходот од предвремените избори на 11 декември, за потоа да влезе во судница за да се испита одговорноста на Заев и Верушевски за материјалите со кои тие наводно го уценувале поранешниот премиер Никола Груевски.

Јасно е дека “Пуч“ е еден од клучните предмети кој може да разјасни многу нешта околу нелегалното прислушување и да стави крај на сите шпекулации кој, кога, како и зошто ги прислушувал функционерите бизнисмени, новинарите и граѓаните во Македонија. Затоа зачудува фактот што наместо по итна постапка стартот на овој процес се одлучува веќе по единаесетти пат.

Првото рочиште беше закажано за август минатата година, но тогаш обвинетиот Заев ги игнорираше поканите од судот и не се појавуваше во судница.

„Не го признавам ова судство и не доаѓам на судење се додека предметот не го добие СЈО“, бараше Заев.

Тоа го користеа неговите политички опоненти за кои ова претставуваше чист доказ дека СЈО е под контрола на СДСМ и работи во нивна корист.

Откако предметот падна под надлежност на СЈО, обвинителите не можеа да ги добијат списите и доказите кои Кривичниот суд упорно ги чуваше и одбиваше да ги предаде со најразлични објаснувања, меѓу кои беа и безбедносните сертификати за тимот на СЈО.Кога и тој проблем беше разрешен, на ред дојде мистериозната болест на еден поротник.


Денеска, пак, причина за одлагањето беа безбедносните сертификати кои двајца новоименувани поротници не ги поседуваа и со самото тоа не смеат да го следат процесот во кој има огромен број класифицирани информации и документи.

Имено, Кривичниот совет со кој претседава судијата Љубинка Башевска го прифатил барањето на еден поротник да биде разрешен и на неговото место го назначил поротникот Лилјана Кочовска-Јанева, но и донел одлука во овој процес наместо три да има четири судии поротници, па ја ангажирал и Вања Штерјова.

Ова беше причина за отворен судир меѓу судијата Башевска и шефот на СЈО, Катица Јанева, која го застапува обвинителниот акт.

Јанева револтирана од одлуката побара од судијата сите да се легитимираат и да покажат дали поседуваат безбедносни сертификати за да се избегне ваквата ситуација во иднина и потсети дека токму Кривичниот суд со месеци не им даваше пристап до материјалите од предметот на обвинителите од СЈО токму поради овие сертификати.

„Имавме три закажани рочишта, луѓето се под мерки како може да го одложите на неопределено време. Цела година не` малтретиравте за безбедносните сертификати, сега вие немате. Како не ви е срам?“ - се обрати Јанева кон судијата која, пак, и се закани со казна за непочитување на судот.

Адвокатите на одбраната ги интересираше зошто во судницата не беше присутен клучниот сведок, поранешниот премиер Никола Груевски, кој според обвинението бил мета на Заев и Верушевски и дали тој воопшто бил повикан во суд.

Претседателот на СДСМ уште еднаш го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека го корумпираат и политизираат судството и како пример го наведе токму овој случај.

„Суштината на одлагањето се состои во неколку моменти, тоа е целокупната стратегија на бандитската власт. Зошто сега се повлекува судија поротник и зошто сега се бараат нови судии, па се купува време да обезбедат безбедносни сертификати, зошто судијата не повлече веднаш поротници судии кои имаат безбедносни сертификати, зошто и денеска не е повикан единствениот сведок, Никола Груевски, да дојде на ова судско рочиште“, рече Заев.

Во случајот “Пуч“, првообвинет е Зоран Верушевски, кој се товари за неовластено прислушување, шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи, службеникот на УБК, Ѓорги Лазаревски, кој е обвинет за шпионажа и за неовластено прислушување, Соња Верушевска, која е обвинета за шпионажа, Зоран Заев и секретарот во Општина Струмица, Бранко Палифоров, кои се товарат за насилство спрема претставници на највисоки државни органи. Меѓу обвинетите беше и Звонко Костовски, вработен во УБК, кој во текот на истрагата ја призна вината и се спогоди со Обвинителството за тригодишна затворска казна.

XS
SM
MD
LG