Линкови за пристапност

Рангирањето на Македонија во „Дуинг бизнис“ ќе се одрази на економската иднина


Ова е година за славење кога станува збор за рангирањето на Македонија на индексот „Дуинг бизнис“ на Светската банка, вели Валентина Салтине, специјалистка за развој на приватниот сектор од ова меѓународна организација:

„За прв пат во 14 годишната историја на Дуинг бизнис, Македонија се приклучи на првите 10 економии во светот. Тоа не е изненадување за нас, видовме реформи во текот на годините, во просек по 6 мерки годишно.“

Таа посочува на фактот дека за отворање бизнис во Македонија се потребни само два дена. „Земјата се повеќе го користи Интернет во платежниот систем, што помага во борбата со корупцијата, но преку овој извештај не можеме да кажеме каква е севкупната економска слика во земјата. Причината за тоа е што користиме специфична методологија која се фокусира само на домашни, мали и средни претпријатија“, вели таа.

Коментирајќи ја економската состојба, Саша Топерич, од Центарот за трансатлантски односи при Универзитетот Џонс Хопкинс вели дека политичката криза имала влијание врз севкупните економските показатели:

„Македонија има ниски даноци, отвори економски зони, нуди 10 годишен грејс период за компании и странски инвеститори. Македонија добро сe` позиционираше во нестабилниот Западен Балкан и покрај сите проблеми со кои се соочува.“

Но за Топерич, од круцијално значење за економијата е изборите да се спроведат на транспарентен начин, и се покаже на САД и на меѓународната заедница дека Македонија напредува. Дека е надминат скандалот со прислушување, корупција, проневерите, местење на изборните резултати и влијание врз медиумите и немешањето во работата на Специјалното јавно обвинителство.

Ако се занемарат сите овие аспекти, Топерич вели дека тие може да постанат „црвено светло кое може да ги одбива потенцијалните инвеститорите на подолг период.“

А тоа секако не е насоката во која Македонија сака да се движи - кон евроатланско интегрирање.

XS
SM
MD
LG