Линкови за пристапност

Зошто се потребни најмалку 40 повици за да се добие одговор од само едно лице во истражувањето на јавното мислење за изборите

Зградата е неугледна – голема, коцкеста по форма и изградена од цигли со боја на млечно чоколадо. Сместена е во центарот на индустрискиот дел на Алентаун, сојузната држава Пенсилванија, град во кој некогаш било криено „Ѕвоното на слободата“ од Британците.

Внатре работат илјадници лица кои спроведуваат интервјуа на најмалку 20 теми, почнувајќи од јавното здравје, производи за широка потрошувачка до политичките кандидатури.

Можеби очекувате огромна, хаотична просторија, но наместо тоа, овде е тивко.

Компанијата за истражување на јавното мислење SSRS работи во партнерство со ABC, CBS, New York Times и други организации на истражување на американското јавно мислење за изборите. Во името на ABC, од почетокот на август SSRS спроведува во просек по едно истражување неделно за да ја измери поддршката за претседателските кандидати.

Како тоа функционира?

SSRS се јавува на телефонски броеви по случаен избор. И ги поставува истите прашања до секој испитаник. Секое отстапување од прашањето ќе ја наруши статистичката прецизност на анкетата.

„Прашањата се порта кон мозокот на луѓето кои одговараат на нив“ вели Дејвид Дутвин, потпретседател и главен методолог во компанијата.

По „ало“

„Може ли ова попладне околу 7?“ му вели испитувачот Расел Ленс на лицето од другата страна на телефонската линија, кој нема време да одговори на сите прашања. Ленс е пензиониран хемичар кој поминал осум години прашувајќи ги Американците за навиките и убедувањата. Тој вели дека луѓето имаат изградено силни мислења, посебно за политиката. Но дури и со силни мислења, бројот на лица кои сакаат да одговорат е низок „Ќе речам, ако успеете да разговарате со 10 проценти од контактираните, вие сте среќни“ вели Ленс. Неодамнешно истражување на Пју покажува дека тоа изнесува девет проценти.

Луѓето се зафатени, не сакаат да се вознемирувани или јавувањата се кон телефонски броеви кои не функционираат

Најдобар период за анкетирање

Најголем број на одговори во телефонските јавувања во истражувањето на јавното мислење имало во 1970-те години кога мнозинството на Американци имале по неколку телефонски линии во нивните домови .Исто така домаќинките обично биле дома за време на денот, и целото семејство било на располагање после вечерата.

Денес половина од американците имаат домашен телефон, а 9 од 10 имаат мобилни телефони. Американските закони не дозволуваат компаниите да се јавуваат на мобилните телефони со снимена порака, затоа компаниите мора да вработат лица да ги спроведат истражувањата. Дутвин вели дека е скапо да се платат 300 лица, но сепак е поевтино отколку да се оди од врата на врата.

Ова не` е повик за продажба

„Сакам да ве уверам дека ова не повик за продажба“ вели 19 годишната Валентина Мартинез. За неа најголем проблем е да ги убеди луѓето дека таа не продава ништо. Ова е проблем кој го имаат сите компании за испитување на јавното мислење.

Сепак некои луѓе се` уште ги избегнуваат прашањата и им спуштаат телефон на истражувачите. Дутвин го осудува ваквото однесување „Да се биде дел од истражување на јавното мислење е да се учествува во демократијата. Срамота е што луѓето ја пропуштат оваа можност“, вели тој.

XS
SM
MD
LG