Линкови за пристапност

Претседателските кандидати за тероризмот


Хилари Клинтон и Доналд Трамп се обидуваат да се портретираат себеси како кандидати кои стојат на цврсти позиции по прашањето за националната безбедност

Републиканскиот претседателски кандидат, Доналд Трамп повеќе не го поддржува контроверзниот предлог искажан по терористичките напади во Париз минатиот ноември за забрана на влез на муслимани во САД.

Наместо тоа, тој зборува за „екстремна проверка“ на имигрантите кои доаѓаат од муслиманските земји, со цел да се држат терористите надвор од земјата.

Тој исто така се спротивставува на примање на бегалци од сирискиот конфликт, предупредувајќи дека планот на Хилари Клинтон за зголемување на нивниот број до 65.000 може да биде искористен како „Тројански коњ“ за влез терористи на американска почва.

„Почекајте да видите што ќе се случува во годините што доаѓаат“ кажа Трамп за време на последната претседателска дебата минатата недела.

Демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон ги осуди повиците на Трамп за забрана на влез на муслимани во земјата, но нејзиниот план поддржува „ригорозна проверка“ на бегалците кои доаѓаат од Сирија и други места.

„Нема да дозволам влез на никого во нашата земја, кој преставува ризик за нас“, кажа таа за време на втората претседателска дебата.

Но сега кога Трамп не ја промовира забраната за муслимани, помеѓу двата кандидати „можеби и нема голема разлика како што мислат некои,“ вели Мајкл О`Ханлон, од Институцијата Брукингс во Вашингтон.

Заштита на татковината

Со стравот од раст на домашниот тероризам, и двајцата кандидати повикаа на зголемување на напорите во борба со муслиманската радикализација.

Трамп вели дека тој сака да воспостави Комисија за радикален ислам за да се „откријат мрежите во нашето општество кои поддржуваат радикализација.“

Клинтон на муслиманската американската заедница која е понаклонета кон демократската партија гледа како на ентитет кој има критична улога во заштитата на земјата против домашниот тероризам, и за време на кампањата таа се сретна со нивните лидери.

Борбата против ИСИС

Со цел да се победи ИСИС, и Клинтон и Трамп се залагаат за соработка со коалиција на европски и блиско- источни нации, преку користење беспилотни летала и сили за специјални операции против цели на терористите во Ирак и Сирија, и воспоставување на зона за забранети летови над северна Сирија.

Но тие се разликуваат по други прашања. Помеѓу нив: Клинтон сака да ги вооружи сириските бунтовници кои се борат против претседателот Башар ал Асад, идеја на која се спротивставува Трамп.

Од друга страна, Трамп сака да распореди поголем број копнени сили. Клинтон кажа дека таа е противи идејата за испраќање копнени сили.

О`Ханлон вели дека двајцата, Клинтон и Трамп „мислат дека тие треба да сторат малку повеќе од Барак Обама,“ но „никој не посакува поширока воена интервенција.“

Но Макс Абрамс, експерт за тероризам, вели дека меѓу претседателските кандидати всушност разликите се подлабоки отколку што многумина претпоставуваат и произлегуваат од тоа како двајцата кандидати гледаат на феноменот на тероризам.

Според Абрамс, Клинтон го поддржува така наречениот „модел на неправда“, според кој тероризмот е инспириран од чувството на сторена неправда.

Напротив, Трамп е понаклонет кон т.н. „модел на можност“, според кој тероризмот успева во услови каде има поголеми можност за тоа.

Промена на режимот

За Абрамс и другите критичари, Клинтон застапува повоинствена надворешна политика која претпочита користење на сила во уривање на недемократските режими и воспоставување на демократија во овие земји.

„Зад секој обид за промена на режимот, Ирак, Сирија и Либија, Хилари беше поголем застапник отколку Доналд Трамп“ вели Абрамс, професор по политички науки.

Но О`Ханлон го отфрла мислењето дека Клинтон ја поддржува доктрината за „промена на режимот“ како алатка за американската надворешна политика.

„Клинтон никогаш не беше голем ентузијаст, дури ни кога гласаше за војната во Ирак“ вели О`Ханлон, додавајќи дека таа дала поддршка во соборувањето на либискиот лидер, Гадафи, но таа не застанала цврсто зад соборувањето на египетскиот лидер Хосни Мубарак.

Од своја страна, Трамп ја обвинува Клинтон за „градење на нации и промена на режими“ кое довело до поголема нестабилност на Блискиот Исток. Тој отиде дури понатаму со тврдењето дека Клинтон и Обама го „основале“ ИСИС.

Клинтон изрази каење за нејзината одлука да гласа за поддршка американската инвазија врз Ирак во 2003-та година, но таа продолжи со одбраната на нејзината поддршка на американската интервенција во Либија во 2011-та година.

Запрашана за тврдењата на Трамп дека нејзините одлуки довеле до нестабилност, таа во ноември кажа дека не е јасно каков ќе биде крајниот исход“ во овие земји.

Пред 2009-та Блискиот исток можеби бил далеку од „оаза на стабилност“, но повеќето „креатори на политиката би го одбрале тоа, наместо моменталните услови, кои се граничат со анархија“, вели Колин Кларк, политички аналитичар од корпорацијата РАНД.

XS
SM
MD
LG