Линкови за пристапност

СЈО ги отвори „Топлик“ и „Тендер“ тешки над два милиони евра


Државно земјиште било продадено спротивно на законот за што државата плаќала пенали, а градежна фирма била фаворизирана при изградбата на Музејот на ВМРО. Министерката за култура ги отфрли обвинувањата и тврди дека нема ништо спорно. За осомничените во двата предмети нема да се бара притвор

Специјалното Јавно обвинителство (СЈО) денеска соопшти детали за два нови предмета за финансиски криминал, „Топлик“ и „Тендер“, каде материјалната штета е проценета на над два милиони евра, пари за кои е оштетен буџетот на државата, а кои потоа биле депонирани на сметките на една странска и една домашна фирма.

Во „Топлик“, станува збор за продажба на државно земјиште како локација за изградба на проектот „Сончев град“ и во него се осомничени шест лица. Државното земјиште кое во 2007-ма година било огласено за продажба, не ги исполнувало условите, но и покрај тоа, на инсистирање од првоосомничениот, било продадено на израелска фирма. Договорот потоа бил раскинат и на име на штета на фирмата „Сан сити“ и` биле исплатени 1 милион и 44.000 евра.

„Комисијата за јавно наддавање за продажба на земјиштето го информирала првоосомничениот од Министерството за транспорт и врски, дека не биле исполнети условите за продажба на земјиштето, по што тој формирал нова комисија, која и покрај тоа што не се исполнети условите, објавила оглас за продажба. Земјиштето го купила фирмата „Сан сити“, но во 2011-та договорот бил раскинат, затоа што по вина на Министерството за транспорт и врски условите не биле исполнети. Министерството на фирмата и ги вратило парите, заедно со камата од 1 милион и 44.000 евра“, соопшти обвинителката Фатиме Фетаи.

Како осомничени во овој случај се водат се раководно лице од Министерството за транспорт и врски и петмина членови на второ-формираната Комисија за јавно наддавање, кои свесно го објавиле огласот иако знаеле дека тоа не смеат да го сторат поради неисполнети услови. Засега не е познато дали првоосомничен е поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Во случајот „Тендер“ се работи токму за наместен тендер во текот на изградбата на Музејот на ВМРО каде била фаворизирана фирмата „АД Бетон – Штип“ на која и биле исплатени 1 милион евра.

Иако од СЈО не потврдуваат, во овој случај првоосомничена е министерката за култрура Елизабета Канческа - Милевска која лично се погрижила тендерот да го добие штипската фирма.

Според информациите на Гласот на Америка, истрагата е отворена по преслушување на еден од нелегално снимени разговори каде Милевска го информира директорот на фирмата дека тендерот ќе биде направен онака за да можат само тие да конкурираат и да го добијат и им вели да продолжат со изведување на завршните работи на објектот. Тоа се случува на 14-ти јуни 2011 година, а три дена подоцна тендерот е објавен во неколку дневни весници. На 5-ти август „Бетон АД – Штип“ го добива тендерот вреден 62,4 милиони денари во екот на изведувањето на завршните работи на Музејот на ВМРО.

Според официјалните информации на СЈО, сведок во овој случај е токму тогашниот директор на АД Бетон - Штип кој лично бил известен дека ќе има тендер наместен во нивна корист.

„Таа преку телефон му рекла на сведокот - директор на Бетон Штип, да продолжи со работите и да не чека на тендерот. Средила, со претседателката на комисијата, тендерот да го добие Бетон Штип, така што конкурсот ќе биде така формулиран за само оваа компанија да ги исполни условите. Договорот е склучен откако работите веќе биле завршени“ рече Фетаи.

Тука покрај Канческа Милевска осомничени се и тројцата членови на комисијата за јавни набавки во Министерството за култура кои ќе одговараат за злоупотреба на службената положба и овластување доколку Кривичниот суд го прифати обвинителниот акт.

Веднаш по пресот на СЈО на јавноста и се обрати министерката Елизабета Канческа - Милевска која во целост ги отфрли обвинувањата на СЈО и ги нарече шпекулации и политичка пропаганда. Таа тврди дека нема ништо спорно ниту во тендерот ниту во изборот на изведувач и дека целата постапка била транспарентна. Според министерката СЈО немало време да ги анализира документите кои ги подигнале од министерството за култура за да можам да срочат обвинителен акт.

„На проектот на Музејот на македонската борба сум исклучително горда. Очекувавме професионален и објективен пристап на СЈО во служба на вистината. За жал морам да констатирам дека денешната прес конференција е дел на однапред планирано сценарио и политичка пропаганда. Тезите на обвинителката Фетаи се груба шпекулација. Тендерот е транспарентен, објавен е електронски и во Службениот весник и документацијата ја имаат подигнати четири фирми. Сите предмети се чисти како солза, од првиот до последниот документ и тоа ќе го поткрепам со докази. Тендерот не е за изградба на музејот туку за партерно уредување околу музејот“, рече Канческа - Милевска.

Таа го презентираше спорниот тендер со комплетната документација и увидите од надзорните органи во текот на работењето по етапи. Сепак таа не се осврна конкретно на обвинувањата на дека неколку дена пред објавувањето на тендерот таа имала разговор со директорот на АД Бетон Штип во кој го информирала дека ќе го добијат.

Од СЈО најавија дека за сите осомничени во двата предмети нема да бараат притвор туку мерки за обезбедување.

Досега СЈО отвори шест предмети, “Трезор“,„Титаник“, „Транспортер“, „Тврдина“, „ТНТ“ и „Тортура“, во кои осомничени се високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, на Министерството за внатрешни работи, меѓу кои и поранешниот министер Гордана Јанкулоска и шефот на Управата за безбедноот на Битола Владимир Талески и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков, како и градоначалник.

XS
SM
MD
LG