Линкови за пристапност

Опозицијата со граѓански марш во Скопје


Присуствуваа околу 15,000 граѓани од Скопје но и од повеќе градови

Заврши Граѓанскиот марш организиран од здружената опозиција предводена од СДСМ, а од него беа испратени силни пораки до претставниците на власта и до политичките опоненти ВМРО-ДПМНЕ, дека секој што го прекршил законот ќе одговара, украдените пари ќе бидат вратени и државата повторно ќе биде во рацете на граѓаните.

Маршот на кој присуствуваа околу 15.000 граѓани од Скопје, но и од повеќе градови од Македонија, почна во околу 14.30. часот од булеварот „Партизански одреди“, а заврши пред Собранието на Република Македонија. Во најавата за маршот организаторите објаснија дека денешниот празник, 11-ти октомври не е случајно избран, и дека е предвесник на промените за подобра иднина и подобар живот.

Меѓу присутните беа членовите на највисокото раководство на СДСМ и политичките партии од опозицискиот блок, нивни членови, активисти и симпатизери, но и претставници на невладини организации и граѓански здруженија.

„Тука сум за да дадам им поддршка на СДСМ и на сите кои се борат против оваа неправда. Доста беше. Криминалот е откриен и мора да се одговара за него. Нема повеќе бегање. Видовме, чувме, знаеме. На СЈО мора да му дозволат да работи,“ вели скопјанецот Ѓорги Дамјановски.

Во поворката можеше да се сретнат и политички неопределени граѓани.

„Не сум политички определен, не ги поддржувам ниту ВМРО ниту СДСМ. Дојдов за да кажам дека е доста. Политичката гарнитура која не` доведе до ова дереџе мора да си замине и да одговара. Изборите се клучот. А кој и да победи на нив ќе мора да внимава. Тука сме ние, граѓаните, за кои работат и од кои добиваат плата. Ова не смее да се повтори“, изјави Александар Николов.

Централниот настан беше пред Собранието на РМ, каде на присутните им се обратија граѓански активисти и претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Актерката Ирена Ристиќ го прочита манифестот од овој протест и ги повика сите граѓани да се придружат во борбата за светла иднина.

„Една е битката за Македонија, се менуваат само генерациите. Доста е. Да ги победиме сите предавници и деспоти. Сите на суд, за една нова слободна и народна Македонија. Напред во победа, да се живи сите сојузници на слободата, да живее братството и единството на сите што живеат во оваа Македонија. Смрт на фашизмот, борбата продолжува, гласот победува“, рече Ристиќ.

Активистката Ивана Туфекџиќ во име на младите рече дека нејзината генерација доживеа егзодус.

Со обраќањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, заврши маршот пред Собранието на РМ. Тој најави враќање на слободата, демократијата и правдата и враќање на државата во рацете на граѓаните. Заев нагласи дека денеска маршираат за достоинствени плати, за задоволни работници, за деца кои нема да просат, за покрив над секоја глава, за подобро образование и здравство.

„Маршираме за враќање на државата во рацете на граѓаните, ја одземаме од фамилијата на Никола Груевски, марширавме за враќање на парите кои ги украдоа. Ќе ги вратиме до денар, се` што украдоа,“ рече Заев.

Засега од владејачката ВМРО-ДПМНЕ нема никакви коментари околу опозицискиот граѓански марш и пораките испратени од него.

XS
SM
MD
LG