Линкови за пристапност

Ден на жалост во Македонија


Државното знаме пред зградата на Владата е на половина копје по страотните поплави во скопско кои досега однесоа 21 живот

Ситуацијата во најпогодените места – Ченто, Стајковци, Арачиново се уште е тешка. Патната инфраструктура се расчистува, водата се уште не е во целост повлечена, нема електрична енергија, недостасува вода за пиење и храна. Жителите на овие населби кои од саботата се справуваат со последиците на незапаметената непогода во критичниот период апелираа на поголем ангажман на надлежните институции – како на локално, така и на централно ниво:

„Еве сите што не гледаат нека ни помогнат, страшно е, освен војската и полицијата ништо друго разочарана сум... Секаде донирам облека секаде помагам, овде страшно, цела ноќ сами граѓаните на себе си помагаме...“

„Лом е стока имаме, зајаци, умрени, штета огромна. Нити некој дошол да не праша, нити да ни каже“.

„Водата ќе не однесеше со се децата. Да нема луѓе, да нема власт да не спасат, ова е срамота за Македонија“.

Нервозата на граѓаните беше видлива и при посетите на политичарите на кои им порачаа што итно им треба.

Размерите на водената стихија која носеше се пред себе најдобро ги покажуваат снимките од воздух.

МВР останува на бројката од 21 жртва, но се уште се проверува теренот и поплавените објекти и не се исклучува можноста за зголемување на црниот биланс. 20 од загинатите се идентификувани, најмногу се од населбата Ченто. Полицијата не добила нови пријави за исчезнати лица. Вкупно хоспитализирани се 22-ца граѓани. Владата прогласи кризна состојба во скопскиот и тетовскиот регион која ќе трае 15 дена.

XS
SM
MD
LG